Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово го отвори Инфо центарот за Шар Планина, каде што посетителите ќе можат да ги добијат бараните информации за планината, природните убавини, значајните локалитети и за сместувачките капацитети, а воедно ќе можат да се снабдат со потребната опрема за планинарење.
„Нашата основна активност ќе биде прибирање информации од сите кои функционираат во регионот на Шар Планина и споделување на тие информации со корисниците. Во Инфо центарот ќе можат да се добијат информации за планинарските патеки и водичи, транспортот и за сместувачките и угостителските капацитети. Втор сегмент во работата на Инфо центарот ќе биде продажба на сувенири и планинарска опрема“, изјави Јован Божиновски, претседател на ПК „Љуботен“.
Овој клуб е еден од најстарите во државата. Деновиве ја одбележа 97-годишнината од формирањето и низ целиот овој период е еден од главните носители на развојот на планинскиот туризам и планинарењето на Шар Планина.
„Така се роди и оваа идеја да се отвори инфо центар за Шар Планина, нешто што навистина е неопходно за сериозен развој на планинскиот туризам. Клубот и досега беше активно вклучен во сите активности Шар Планина да го добие статусот на национален парк“, вели Божиновски.
Во Инфо центарот, кој се наоѓа веднаш до клупските простории во близина на центарот на Тетово, посетителите ќе можат да се запознаат и со дел од планинарската опрема која тетовските планинари ја користеле пред повеќе децении.
З. АНДОНОВ