„Плата за живот, а не за преживување, сега и веднаш“ е мотото на шестата текстилијада во Штип, од 6 до 8 октомври, во организација на штипското здружение за заштита на работничките права „Гласен текстилец“. Претседателката Кристина Ампева вели дека целта на манифестацијата е да се отворат теми на локално и национално ниво, преку култура, уметност и дебати, да се склучат партнерства за започнување социјален дијалог за актуелните прашања кои ги засегаат посебно работниците и младите.
„Некогаш работниците беа во центарот на настаните, тие беа креатори на работата и културата на нивните работни места, но сега се оставени на маргините па културно и социјално се отсечени од светот. Затоа, сметаме дека со вакви настани ќе ѝ ја презентираме на јавноста потребата за поголема поддршка при застапувањето на правата на работниците“, вели Ампева.
Според „Гласен текстилец“, последиците од сите кризи што се појавија во последните неколку години, особено ги почвуствуваа малите и сиромашни земји каде што веќе имаше ниски плати, а сериозни беа и прекршувањата на човековите и работничките права. Поради затворањето на институциите и нивното нетранспарентно и неодговорно работење, искористувајќи ги кризите, покажаа дека нашиот пат кон евроинтеграциите е отежнат токму од оние кои треба да покажат одговорност, отчетност и пристап до правда за потребите на граѓаните.
Текстилијадата на 6 октомври ќе започне со неколку дебати во кои покрај работници и членовите на „Гласен текстилец“ ќе учествуваат и повеќе еминентни и стручни лица од стопанството и образованието. Работничката клупа има за цел да ја прикаже состојбата со работничките права на текстилните работници во Штип и Источниот Регион.
Во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип ќе се зборува на темите „ Иглата ја храни иднината“, „ За пристојна плата“, „Правата на жените, нивното економско зајакнување и влијанието на политиките врз нив“, „Институциите и државата во криза“, „Работничките права низ призмата на судскиот систем“.
Манифестацијата ќе заврши на 8 октомври со промоција на петиот број на весникот „Гласен текстилец“, ќе се отвори изложба на тема „Плата за живот“, ќе се одржи и литературно читање на поетски творби на истата тема, а ќе се отворат и две изложби, првата со основното мото „Плата за живот“, а втората со изложбата на стрипот „ Супер работничка“.
Текстилијадата е дел од проектот „ Организирани граѓани за организирана иднина“ поддржана од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.
Т. ЈОВАНОВСКИ