И власта и опозицијата во Советот во Велес сметаат дека платениот паркинг во градот е воведен избрзано и без анализи. Одлуката беше донесена во ноември 2020, а почна да се применува од август годинава.
„Платениот паркинг во Велес беше неоправдано и брзо воведен, несоодветно и без анализа. Повеќе се направи неред отколку што се воведе ред. За да не плаќаат паркинг, возачите ги узурпираа улиците околу центар, што го отежнува нормалното одвивање на сообраќајот. Брза помош и пожарна знаат како им е кога треба да стигнат до потребното место“, рече Марјанчо Николов, советник од СДСМ.
Тој праша дали ќе биде укинат или ќе има одредени промени.
„На Велес му треба платен паркинг, но не ваков. Три паркинзи, пред судот, кај Саатот и кај Ликовниот салон носат пари, оние кај гимназијата и кај автобуската се празни. На лицата кои се ангажирани како времено вработени договорот им истекува на 15 јануари. Немаме ниту канџи, ниту пајак служба за санкционирање ако некој се паркира, а не плати. Ако започнеме со изградба на катна гаража, прашање е дали ни е потребно ЈП за паркинзи. Се сложувам дека одлуката за платен паркинг е пребрзо донесена, без анализи. Таа е по примерот од Кавадарци, па е менувана. Мојот став е дека платениот паркинг треба да се стави во мирување и да се започне со изградба на катна гаража“, рече градоначалникот Марко Колев.
П. ПЕЧКОВ