ПЛАТЕНИОТ ПАРКИНГ ВО ВЕЛЕС НЕ Е УКИНАТ, АМА МАЛКУ КОЈ ПЛАЌА ОТИ НЕМА КАЗНИ

    ПЛАТЕНИОТ ПАРКИНГ ВО ВЕЛЕС НЕ Е УКИНАТ, АМА МАЛКУ КОЈ ПЛАЌА ОТИ НЕМА КАЗНИВо Велес во двете зони има 11 јавни паркиралишта со 315 места. (Фото: СДК.МК)

    Иако платениот паркинг во Велес не е укинат, ниту ставен во мирување, во јануари од паркирањето се собрани само 81 илјади денари додека во февруари 48 илјади. За потсетување, претходно се собирало помеѓу 210 и 250 илјади денари месечно.

    „Паркингот ниту е во мирување ниту е укинат и само Советот донесува таква одлука. Треба да стои во годишната програм за работа на ЈП Парк, спорт и паркинзи и прилив од средства од платениот паркинг“ – кажа Пандорка Прличкова советник од СДСМ.

    Најмногу средства од платениот паркинг во градот се собирале од тој пред Основен суд Велес, додека другите помалку, од некои и немало прибрано средства. Таков бил случајот со паркинзите кај Автобуската, кај Стар мост, кај Гимназијата. Минатата година од приход од паркирање биле собрани 1,026 милион денари а расходите биле 1,511 милион денари или загуба од 485 илјади денари. Тогашниот директор Љупчо Иванов тоа го препиша на фактот дека еден паркинг каде што времено се поставени тезгите и градскиот пазар не функционираше, а тој кај Гимназијата и кај Автобуската биле со мала наплата.

    „За месец јануари оваа година, приходите се со вкупна сума од 81 илјада денари со тоа што бруто платите за вработените во паркинзи чиј договор беше важечки до 14 јануари изнесуваше 131 илјада денари. Во расходниот дел влегува плус и сумата за покривање на броевите од таблетите кои вработените ги користеа. Во февруари наплатени се 48.609 ден. вкупни приходи, 10.231 денари расходи од работењето вклучувајќи провизија, телефон од одржување или чист приход 38.378 денари“, кажа Диме Левков в. д. директор на ЈП Парк, спорт и паркинзи.

    Договорите со операторите „А1“ и „Телеком“ завршуваат во јуни оваа година. За август и септември, од функционирањето на платениот паркинг беа собрани 481 илјади денари, во октомври 246 илјади, во ноември 214 илјади, во декември 225 илјади.

    Во Велес, во двете зони на корисниците им се на располагање 11 јавни паркиралишта со 315 паркинг места. Цената на услугата во зона А е 30 денари, во зона Б е 20 денари, за еден час.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира