Апелационион суд ги прогласи за виновни гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов од Струмица за смрта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе пред 10 години. За една седмица делото застарува. Обвинети се за кривичното дело Тешки дела против здравјето на луѓето и изречена им е затворска казна од шест месеци, која ќе се изврши ако во следните две години сторат ново кривично дело. Предметот сега е пред Врховен суд, по изјавена жалба од бранителите на обвинетите.
Гинеколозите Чалков (51) и Москов (60), се товарат за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе на 22 октомври 2015 година во болницата во Гевгелија. Во овој случај беше обвинет и анестезиологот Томчо Ванчев од Гевгелија, кој во меѓувреме почина. Во текот на истрагата почина и вториот анестезиолог Зоран Јовановски.
На првото и второто судење, кои се одвиваа во Основен суд Велес, судијката Габриела Гајдова ги ослободи од вина гинеколозите Москов и Чалков, а анестезиологот Ванчев го прогласи за виновен. Апелација во два наврати ја потврдуваше ослободителната пресуда за гинеколозите на Основен суд Велес. Втората пресуда во Основен суд Велес беше донесена на 19 март 2020 и три години беше во фиока, чекаше рок за одржување на јавна седница на Апелација што се случи на 3 јули 2023.
Постапувајќи по напатствијата на Врховниот суд, кој ја врати втората ослободителна пресуда претходно потврдена од Апелација, судот конcтатирал две прекршувања, поради кои во мај годинава донел осудителна пресуда.
„Од медицинската документација на покојната Маја Кадиева и од исказот на вештото лице Наташа Давчева, произлегува дека од страна на обвинетиот Венци Чалков кај сега покојната била поставена дијагноза Диспропорција на главата на бебето со родилните патишта, која дијагноза преставува апсолутна индикација за царски рез, заради дополнителни испитување со кои би се докажала поставена дијагноза и биле издадени упати за Интерното и Анестезиолошкото одделение на болницата. Но и покрај тоа што дијагнозата не била проверена и потврдена, обвинетиот постапил површно и донел одлука за царски рез на родилката, без притоа за констатираната состојба родилката да биде известен медицинскиот тим кој требало да го изврши оперативниот зафат. Исто така, од изведените докази произлегува дека обвинените со преземените дејствија постапиле спротивно на Упатството за медицинско згржување при царски рез донесено од Министерството за здравство, објавено во Службен весник на РСМ бр. 47 од 24.03.2015 година, бидејќи без постоење на индикација за итност на интервенцијата, без извршени испитувања за моменталната здравствена состојба на пациентката, ги прифатиле резултатите од претходните испитување без навремено комлетирање на медицинскиот тим кој требало да ја изврши интервенцијата. На тој начин, однесувајќи се неодговорно, несовесно телефонски ја повикале родилката на 22.10.2015 година заради породување со царски рез, иако веројатниот термин за породување и бил 02.11.2015 година, па со тоа обвинените не соработувале заедно и не размениле информации за безбедно одвивање на оперативниот зафат како што налагаат лекарските правила и прописи, па обвинетите Чалков и Москов иако можеле и требале да бараат одложување на операцијата при невозможноста пациентката да биде воведена во анестезија од страна на анестезиологот, тие тоа не го сториле“, се вели во образложениоето за пресудата.
П. ПЕЧКОВ