ПО 10 ГОДИНИ ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ПРВАТА ИНДУСТРИСКА ЗОНА ВО КУМАНОВО

    ПО 10 ГОДИНИ ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ПРВАТА ИНДУСТРИСКА ЗОНА ВО КУМАНОВОИндустриската зона Речица е со површина од 61 хектари, а ќе бидат изградени повеќе индустриски капацитети со лесна и незагадувачка индустрија, трговски центри. (Фото: СДК.МК)

    Започна изградбата на примарната инфраструктура на Речица, првата индустриска зона во Општина Куманово, која се наоѓа покрај автопатот Куманово- граничен премин Табановце. За зоната 20 милиони денари обезбеди државата, а ќе бидат искористени за изградба на пристапните патишта, водоводна, фекална и атмосферска канализација.

    „Оваа индустриска зона е значајна за Куманово, но и целата држава. Затоа, државата одлучи да помогне од централен буџет. Оваа година одвивме 20 милиони денари, дадено за поддршка на инфраструктура, и наредните години ќе продолжуваме да помагаме. Ова е една од најдобрите локации во државата, бидејќи е на Kоридорот 10, со лесно пристапен пат, што претставува дополнителна примамаливост за самите инвеститори“, рече премиерот Зоран Заев кој денеска ја посети зоната.

    Индустриската зона Речица е со површина од 61 хектари, а ќе бидат изградени повеќе индустриски капацитети со лесна и незагадувачка индустрија, трговски центри.

    „Веруваме дека оваа индустриска зона ќе биде една од најразвиените во државата, бидејќи се наоѓа на атрактивна локација, интересот на домашните и странски инвеститори е огромен. Во моментот се рализираат две конкретни инвестиции, на два производствени капацитета и верувам дека тој тренд ќе продолжи“, рече градоначалникот Максим Димитриевски.

    Toj најави дека до крајот на годината Општината ќе пушти во продажба нови парцели, цената за индустриските капацитети ќе бидат со почетна цена од 61 денар по квадрат, додека за трговските единици цената ќе биде 800 денари плус ДДВ по метар квадратен.

    Стопанствениците од Куманово ја искористија средбата со премиерот да ги кажат проблемите со кои се соочуваат и да побараат решение.

    „Побаравме од премиерот да имаме ист третман со странските инвеститори, бидејќи ние целата добивка ја реинвестираме тука, а странските инвеститори ја носат таму од каде што доаѓаат. Затоа, ние треба да бидеме поддржани и повеќе од нив. Предложивме да се доведе гасовод во зоната, бидејќи гасот е поевтин енергенс и нашите производи ќе бидат поконкурентни на пазарот. Еден од проблемите е и што Регионална канцеларија на УЈП се наоѓа во Штип, па за една потврда патуваме по 60 километри, бараме да отворат и во Куманово, бидејќи сме најголем регион“, рече Назми Ејупи, соственик на фирмата „Бентони“, првата фабрика во зоната.

    Индустриската зона Речица, на хартија постои десетина години, но безуспешни беа обидите на поранешната локална власт да добие поддршка од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од атрактивните парцели беа продадени, но немаше иницијатива да се развива и да се инвестира во неа и покрај големата потреба на стопанствениците. Во истиот период никнаа две помали индустриски зони во населени места, во населбите Карпош и Доброшане.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира