По 19 години откако беа тргнати од градскиот плоштад во Тетово, повторно се поставени бистите на народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче, но сега во дворот на Меморијалниот музеј на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) во Тетово во месноста Два Бреста. Повторното поставување на бистите следи откако општинската организација на Сојузот на борците од Тетово се договори со Националната установа Музеј на Тетово, кој управува со Меморијалниот музеј на КПМ, за да може во дворот на музејот да бидат поставени двете бисти на народните херои од Тетово.
„Поставувањето на бистите на Тодор Циповски-Меџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче е одобрено од управата на Музејот и тие се поставени во дворот на спомен-куќата каде во 1943 година е формирана Комунистичката партија на Македонија. Засега е изграден постаментот на кој се поставени двете бисти, а наскоро треба да се работи на уредување на споменикот“, велат од Музејот на Тетово.
Од Сојузот на борците, кој беше иницијатор за повторно поставување на овие две бисти, велат дека ова е само времено решение сè додека бистите не се вратат на градскиот плоштад од каде беа отстранети пред 19 години.
„Бистите засега се поставени на овој простор се со цел непречено оддавање почит на тетовските народни херои, сè додека не се исполнат условите за нивно враќање на градскиот плоштад од каде противзаконски беа отстранети“, велат од Општинската организација на Сојузот на борците.
Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче како борци на Третиот партизански одред се убиени од балистите на 19 септември 1944 во гостиварското село Беличица, во голема и крајно нерамноправна борба. Во одбраната на Беличица животот го дале 19 партизани од Третиот партизански одред, биле заробени 4 партизани кои после два дена биле стрелани во Тетово, од кои еден го преживеал стрелањето. Балистите во селото Беличица убиле и 17 жени, деца и стари.
Во 1970 Тетово добива нов плоштад, а бистите на овие двајца народни херои се поставени на едно од централните места на плоштадот. Во 2005, кога градоначалник на Тетово беше Хазби Лика, започна повторна реконструкција на градскиот плоштад и тогаш двете бисти беа отстранети од постаментите на градскиот плоштад и фрлени на отпад, а Сојузот на борците во последен момент ги спаси за да не бидат уништени, иако тогашната општинска власт ветуваше дека откако ќе заврши реконструкцијата тие ќе повторно ќе бидат поставени на плоштадот. Но, ваквото ветување не го исполни ниту еден од тетовските градоначалници, ниту Хазби Лика од ДУИ, ниту Сади Беџети од ДПА, ниту Теута Арифи од ДУИ, како ни Билал Касами од БЕСА, иако во изминативе години на повеќе наврати се бараше бистите да се вратат на градскиот плоштад.
З. АНДОНОВ