Безмалку четири децении ѝ требаа на Македонија да издаде нов труд посветен на Кочо Рацин. Последен пат тоа се случи во 1987, кога е издаден шесттомник.
Годинава се издава тритомник, по иницијатива на Коста Кипровски и Ана Заковска, приватни стопанственици, кои целосно финансиски го помогнале издавањето. Првиот том за биографијата на Рацин е покриена од Весна Мојсова-Чепишевска, томот за поезијата на Рацин е изработена од Венко Андоновски, а за есеистиката, научната работа и публицистиката на Рацин пишуваше Искра Хаџи Бошкова-Тасевска.
„Се договоривме да се ангажираат врвни стручни познавачи на делото на Рацин од Факултетот ‘Блаже Конески‘, кои ќе работат врз постојното и да покриеме три области. Соработувавме прекрасно и резултатот е видлив. Рацин треба да го доживуваме како човек кој ја направил првата книжевна примена на македонскиот литературен јазик. Стихозбирката ‘Бели мугри‘ и другите текстови ги пишувал на негов мајчин јазик, на локално велешко наречје, што влегува во самата срж, во основата на македонскиот стандарден јазик пред неговата кодификација. Потребен е дополнителен истражувачки проект на МАНУ за да се доистражат архивските материјали растурени во соседните центри“, рече академик Катица Ќулавкова, промоторка и уредничка на тритомното издание „Рацин“.
Авторите немале многу време да го изработат делото. Тоа што го сработиле го направиле од постојните материјали од архивот на МАНУ, Велешки музеј и архив и родната куќа на Рацин.
„Тие ми помогнаа во исчитувањето на животописот на Рацин. Јас ги користев материјалите на Александар Спасов, Блаже Ристевски, Васил Тоциновски, Горан Калоѓера и Перо Коробар. Ги следев изјавите, размислувања и сеќавања на современиците на Рацин, мојот текст е минимален во однос на нивните животни прикази. Имаме сеќавања на луѓе со кои бил цимер во сопчиња, Скопје, Белград, Загреб, Сараево, во затворските ќелии. Тие во тоа време биле работнички универзитети, во кои се калел Рацин, но и полемизирал. За да биде изданието популарно, има богат фонд на фотографии, Рацин од најмала возраст, од детството, свидетелство, писмата кон Раца, Невенка Вуиќ, Лилјана Чаловска“, кажа Весна Мојсова-Чепишевска.
Авторите пред нив го имале изданието од 1987 година и можност да ги согледаат празнините и што дополнително можат да дадат.
„Често го слушам прашањето што е тоа ново што ние го сработивме и откривме за Рацин. Не може да се открие нешто многу значајно и ново, бидејќи тој е елабориран во македонската наука и го има местото кое го заслужува. Се открија некои нешта кои не биле кажани досега и било подобро во тоа време да се премолчат. Затоа со тимот работев да се пласираат статии од политичката активност на Рацин и повеќето архивски материјали се однесуваат токму на тоа. И ги пласирав на современ македонски јазик, со што трудот доби критички карактер“, порача Искра Хаџи Бошкова-Тасевска.
Промоцијата на тритомикот „Рацин“ беше дел од содржините на 62. Рацинови средби.
„Кај бевме 40 години да го направиме ова дело, и тоа не го направи државата, туку луѓе кои се занимаваат со бизнис и се сетија дека животот и делата на Рацин треба да ги собереме во научен труд. Рацин со ‘Бели мугри‘ го кодификуваше јазикот уште пред ние да го направиме тоа. Тоа е подвиг. Рацин прерано замина, наша задача е да го имаме во нашите домашни библиотеки, како што ги имаме Библијата и ‘Крпен живот‘ на Стале Попов“, кажа Венко Андоновски.
П. ПЕЧКОВ