По четврти пат годинава се чисти најголемата дива депонија во центарот на Куманово, на влезот на населбата Перо Чичо. Се очекува од депонијата да се изнесат најмалку петнасетина камиони смет и шут што се фрла во овој дел од градот.
„Оваа депонија не ја создаваат само граѓаните кои живеат во населбата туку и дивите транспортери со култиватори, кои ни предизвикуваат сериозни проблеми низ целиот град. Во последно време депонијата често ја палат, со што се загадува воздухот не само во населбата Перо Чичо, туку и на Октомвриска револуција и Градскиот кеј. Депонијата е зараза за целиот град. Со цел да ставиме крај на оваа појава, од понеделник со СВР Куманово и инспекциските служби ќе започнеме акција на засилени контроли и казнување на граѓаните кои на лице место ќе бидат фатени како го истураат сметот“, рече Даниел Стојчевски, директорот на ЈП „Чистота и зеленило“.
Тој ги повика дивите собирачи на смет да ги користат поволностите што им го овозможува Општината и за минимални средства да го депонираат сметот на градската депонија „Краста“.
Жителите од населбата велат дека попусто се чисти сметот ако не се удри по џебот на оние кои ја создаваат депонијата, бидејќи молењето не дава резултати.
С. НИКОЛИЌ