ПО ДЕСЕТИНА ГОДИНИ ВЕЛЕС ДОБИ 15 ЛИЦЕНЦИРАНИ НЕГУВАТЕЛИ

    ПО ДЕСЕТИНА ГОДИНИ ВЕЛЕС ДОБИ 15 ЛИЦЕНЦИРАНИ НЕГУВАТЕЛИНегувателите се обучени за домашна нега на повозрасни лица, болни или изнемоштени. (Фото: СДК.МК)

    Врачени беа доделени сертификати за 15 негуватели кои ја завршија обуката за домашна нега на повозрасни лица, болни или изнемоштени. Проектот е насловен „Ублажување на ефектите и последиците од ковид-19 врз најранливите во општеството“ со акцент ставен на постарите лица, а го реализираше Општинската организација на Црвен крст Велес, како лиценцирана организација. Финансиски проектот е поддржан од Австрискиот Црвен крст.

    „Ова е прва обука за негуватели на стари лица по пауза од една деценија, организирана од Црвениот крст. Лицата кои добија сертификати се невработени, кои со овој документ ќе си го најдат местото на пазарот на трудот и ќе бидат соодветно ангажирани за нега на стари лица. Обуката се одвиваше по прифатени стандарди верификувана програма, опфати 250 наставни часа, во три модули. Кандидатите го положија завршниот тест со што се стекнаа со потребните знаења и вештини во иднина да работат како негуватели на стари лица“, кажа Орце Николов, секретар на Црвен крст Велес.

    Обуката започна на 15 февруари и траеше до 10 мај.

    „Искрена да бидам, се пријавив најмногу од хуман аспект. Сакам ова да го работам, сакам да донесам радост и поголем зрак светлина на некому кому му е потребно. Реално гледано, градинките се празнат ама старечките домови се полнат“, изјави Љубенка Стефановска, една од кандидатите кои посетуваа обука и доби сертификат.

    Предавачи беа четири стручни лица, доктор, медицинска сестра, социјален работник и специјален едукатор/дефектолог. Негувателите можат да бидат ангажирани комерцијално ако некое лице има потреба, и тоа само го плаќа ангажманот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира