По повеќечасовна работа до гуша во реката Вардар, ангажираните лица ги отстранија наносите од дрвја, кои беа на столбовите од мостот Гемиџии. Тие ги загрозуваа безбедноста и сигурноста на мостот.
Според оние кои живеат околу мостот, дрвјата биле закачени повеќе од две години и досега никој не презел ништо да бидат отстранети. По реакциите на јавноста и по согледување на состојбата, Дирекцијата за заштита и спасување-подрачно одделение Велес и ЈП „Македонија пат”-подружница Велес договориле заеднички да се изведе отстранувањето на наносите. За расчистувањето било потребно и пониско ниво на Вардар.
„Утврдени се заглавени дрвја на столбовите на мостот Гемиџии на реката Вардар. По наша проценка дека со надоаѓање на големи води постои веројатност да дојде до сериозно оштетување, па и уривање на мостот, ги расчистивме наносите“, изјавија од Дирекцијата.
Од утрово, екипа од ЈП „Македонија пат” со нејзина механизација и со поддршка од Дирекцијата за заштита и спасување работеше на расчистувањето на насобраните, односно заглавените дрвја.
П. ПЕЧКОВ