По една деценија, Територијалната противпожарна единица во Битола доби ново возило за гаснење пожари. Возилото „ивеко“ е наменето за интервенции во урбани средини, посебно на места каде што има тесен простор за движење, како што е населбата Баир, каде пред три години пожарникарско возило гаснејќи пожар удри и демолираше куќа.
„Во противпожарната единица стигна ново возило по една деценија, во единица каде просечната старост на возилата е над 30 години. Тоа чини 97.000 евра и ова е дополнување на она што го започнавме минатата година, кога во нова опрема беа вложени 60.000 евра или, вкупно, во овие две години се вложени 157.000 евра“, рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Единицата ги покрива општините Битола, Могила и Новаци, а по потреба помага и во Ресен. За возилото, 3,3 милиони денари беа обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен развој, а останатите 2,7 милиони од Општина Битола.
Противпожарната единица, која години наназад кубуреше со човечки кадар, е подновена со 15-мина пожарникари, а добиена е согласност за уште тројца, кои ќе бидат вработени по изборите. Од Противпожарната единица велат дека сега располагаат со 35-мина пожарникари, па ако продолжи ваквиот тренд, ќе стигнат до потребната бројка на човечки кадар. Општината започна и со постапка за легализација на објектот каде е Пожарната. Најстарата противпожарна бригада на Балканот опстојува 184 година, а никој претходно не се сети да го легализира објектот во кој е сместена.
И покрај благата зима, бројот на пожари во Битола е голем.
„До овој момент, имавме 60 интервенции годинава. Последните два-три дена имавме повеќе интервенции на отворен простор, што значи менталитетот и неодговорноста на граѓаните си продолжуваат. Вчера имавме два пожара во близина на Националниот парк Пелистер. Ќе мора да се бараат сили и начини да ја подигнуваме свеста“, рече Костадин Поповски, командир на Противпожарната единица.
Ж. ЗДРАВКОВСКА