Екипи на ЈП „Охридски комуналец” ја исчистија најголемата градска депонија „Мауцкер” на самиот влез во Охрид од правец на Струга. На овој простор, кој некогаш беше стрелиште, со децении беа одлагани градежен шут, ѓубре и друг отпад од фирми и од граѓани на Охрид.
„ЈП ‘Охридски комуналец‘ заврши со расчистувањето на депонијата ‘Мауцкер‘. По поднесената апликација на Општина Охрид до Министерството за животна средина, доделени се повеќе од два милиони денари за реализација на овој зафат. Во расчистувањето и рамнењето на теренот беа ангажирани два булдожери, багер и два камиони. Извршено е порамнување на 16.000 квадратни метри градежен шут и тампонирани се 7.000 квадрати со 2.500 кубни метри квалитетна земја. Дел од градежниот шут е дислоциран на друга локација во рамки на депонијата”, вели директорот на „Охридски комуналец“, Љупчо Грдановски.
На овој дел, според најавите од ова јавно претпријатие, планирана е изградба на фабрика за рециклирање на отпад.
Д. ЧУБРИЌ