ПО ПЕТ ОДЛОЖУВАЊА, ЗАПОЧНА ДИСЛОКАЦИЈАТА НА ЗГУРАТА ОД ДЕПОНИЈАТА БЛИЗУ ВЕЛЕС, ЕДНА ОД 10-ТЕ ЦРНИ ЕКОТОЧКИ ВО ЗЕМЈАВА

    ПО ПЕТ ОДЛОЖУВАЊА, ЗАПОЧНА ДИСЛОКАЦИЈАТА НА ЗГУРАТА ОД ДЕПОНИЈАТА БЛИЗУ ВЕЛЕС, ЕДНА ОД 10-ТЕ ЦРНИ ЕКОТОЧКИ ВО ЗЕМЈАВАМесто во Малезија, згурата засега ќе се носи во Косово и Србија (Фото: СДК.МК)

    Денеска започна дислокацијата на депонијата на згура, која се наоѓа близу поранешната и веќе руинирана Топилница во Велес. Со ова започна конечното решавање на една од десетте црни екоточки во Македонија. Дислокацијата ја врши компанијата „Кепс моунт груп“ од Белград со седиште во Скопје, која ги доби концесијата од Владата за користење на депонијата и Б-еколошката дозвола од Општина Велес, со која може да ја отстрани троската од згура, резултат на 30-годишната работа на Топилницата.

    „Згурата се носи за Косово и Србија. Секојдневно ќе се транспортира, со намалено темпо и со помал капацитет. Така побараа локалните власти за да не се предизвикува уште поголема загаденост во градот, бидејќи деновиве имало високи концентрации на ПМ10 честички во амбиенталниот воздух. Поставена е сепарација, бидејќи сета техногена минерална суровина мора да се пречисти. Има толку многу отпад, и комунален и градежен, кој како минувал, тука го фрлал. Така исчистената згура се транспортира со камиони кипери, кои се со носивост од 25 тони“, кажа Кирил Смилковски, управител на „Кепс моунт груп“.

    Поради состојбата со коронавирусот, засега е неизвесна реализацијата на договорот што „Кепс моунт груп“ го има со Малезија.

    „Со бариерите предизвикани од коронавирусот, можно е доцнење при транспортот, за што бродот се казнува со 10.000 долари. Затоа се решивме згурата засега да ја пласираме во соседството“, дополни Смилковски.

    На дислокација на згурата се работи само механички, нема топење и користење киселини.

    Депонијата е тешка 1,8 милиони тони и според претходните најави, треба да се отстрани за четири години. Досега во пет наврати инвеститорот го одложуваше почетокот на работите. Депонијата има 6-10% цинк, олово 2,2-3,4% и железен оксид 25% и тие биле економски исплатливи за експлоатација. Има и арсен и кадмиум, кои се опасни и токсични елементи, но инвеститорот вели со скромно присуство од околу 0,01% и не биле слободни, туку врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето на жителите на Велес.

    Стручњаците предупредуваа дека со секој ветер дел од депонијата и тешките метали се разнесуваат до Велес, а постоела и можност да се свлече во Вардар и да го прегради.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира