По седум децении, Брзата помош во Велес започна да работи во нови, реконструирани простории, кои се обновени, заедно со внатрешноста на ЈЗУ Медицински центар Велес. Тоа е инвестиција од седум милиони денари од сопствени средства и е прва обнова откако зградата е изградена во 1949 година.
„Акцент ставивме на просториите на Итна медицинска помош, кои се комплетно реновирани. Поставивме и лифт, за да можат лицата со инвалидитет да ги користат нашите услуги. Овие месеци се комплетиравме и во Итната помош, каде се вработени нови пет млади доктори, со што вкупната бројка е 13 екипи, а со донација е набавен нов медицински мебел“, рече директорот на ЈЗУ Здравствен дом Велес, Николче Димовски.
Тој изрази благодарност до јапонската амбасада за вчера потпишаниот грант од 37.000 евра, со кој ќе се набават две амбулантни возила. Службата на Итната помош од Велес ги покрива териториите на општините Велес, Градско и Чашка и за да дојдат до оддалечените села Ореше, Папрадиште, Нежилово, Чичево и Подлес, екипите патуваат и по повеќе од 60 минути.
На настанот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, кој се сретна со директорите на здравствените институции од Велес. ЈЗУ Општа болница побара финансиска помош за реновирање на Инфективното одделение и уште едно возило за транспорт на пациенти кон скопските клиники.
П. ПЕЧКОВ