По седум години стечај, продаден е движниот имот на ски-центарот Кожув. Купувач е скопска фирма, која за 21,5 милиони денари ќе стане сопственик на скијачкиот дел откако во осум дена по добивањето на решението ќе ги уплати парите. Ова е одлука на Собранието на доверители на ски-центарот Кожув во стечај, кое се одржа во Основен суд Велес.
„Со мнозинство гласови од присутните доверители се прифати понудата за продажба на скијачкиот дел, движниот имот на стечајниот должник“, рече Богољуб Макревски, стечаен управник на ски-центарот Кожуф.
Со продажбата се опфатени системот за правење снег, ски-лифтот, шестседната жичница, која беше прва таква на Балканот, возилата за поправка на ски-патеките, три ратрак возила, возило за чистење снег и други придружни возила.
„Проценетата вредност на центарот беше 173,87 милиони денари, а беше купен за 21,5 милиони денари, што е 12,46 отсто од проценатата вредност. Изминатите години имаше 11 заинтересирани купувачи, но не и конкретни понуди. Моравме да ги разделиме движниот и недвижниот имот, оти десет години не работи и пропаѓа. Останува надежта дека сега ќе се јави и заинтересиран купувач на недвижниот имот, а тоа е земјиштето на ски-центарот“, додаде Макревски.
Овој чин на продажба го поддржа и поранешниот сопственик на ски-центарот Кожуф, Ангел Наков, кој своевремено во него вложи како гринфилд инвестиција 19 милиони евра.
„Добро е што ски-центарот се продаде. Само поправката на оштетените столбови од жичницата ќе чини два милиона евра. Мислам дека за негов рестарт ќе бидат потребни околу три милиони евра. Но, не очекувам дека ќе биде во функција веќе наредната сезона, има многу работа“, рече Наков.
П. ПЕЧКОВ