ПО СНЕГОТ ОСТАНАА КРАТЕРИ НА БИТОЛСКИТЕ УЛИЦИ, КРПЕЊЕТО ПОЧНА, НО НЕМА АСФАЛТНА БАЗА

    ПО СНЕГОТ ОСТАНАА КРАТЕРИ НА БИТОЛСКИТЕ УЛИЦИ, КРПЕЊЕТО ПОЧНА, НО НЕМА АСФАЛТНА БАЗАОпштина Битола не располага со сопствена асфалтна база, бидејќи во тоа не се вложувало изминатите години (Фото: СДК.МК)

    Дупки како кратери отворија екстремно ниските температури, кои цел месец ја имаа приклештено Битола, како и големите количини сол што се фрлија за да се стопат снегот и мразот на улиците. Битолчани на социјалните мрежи ги предупредуваат возачите да внимаваат кога возат да не останат без тркало.

    Од ЈП „Нискоградба“ велат дека моменталната состојба со ударните дупки се должи на 370 тони сол, што зимава ја фрлиле поради обилниот снег, а која го разјадува и уништува асфалтот. Од минатата недела, започнале со крпењето на дупките со бекатон коцки и со ладна асфалтна маса. Општината не располага со сопствена асфалтна база, бидејќи во тоа не се вложувало изминатите години, па за топол асфалт зависат од други фирми и претпријатија.

    „Штом базите на ‘Македонија пат’ и ‘Гранит’ ќе почнат со производство на топол асфалт, ние ќе почнеме веднаш со крпењето. Парични средства за таква санација се обезбедени. Во иднина, најдобра варијанта е Општината да има своја миниасфалтна база“, вели Методија Силјановски, директор на ЈП „Нискоградба“.

    Градоначалничката Наташа Петровска вели дека се водат разговори Општина Битола да го реши ова прашање трајно и да не се јавува како проблем секоја година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира