Поради појавата на поединечни ретки заболувања, минатата година од Центарот за јавно здравје од Велес преземал засилени мерки на надзор, дезинфекција, дезинсекција и дератизација на теренот во градот. Лани се регистрирани два случаи на ретко заразно заболување менингитис пурулента. Кај две лица е докажана клебсиела пневмонија.
„Карактеристично е што лани имавме три случаи на хеморагична треска со бубрежен синдром. Неа ја немаше 30 години на територијата на Општина Велес. Се работи за лица сточари кои престојувале во рурални средини, во дивината се здобиле со вирусот хан-тан, па добиле хеморагична треска. Добро е што исходите не беа како во Дебар, каде завршија со смрт, туку се излечени. Имаме и нови две лица заболени од СИДА и едно ХИВ позитивно. Така почнавме секоја година да регистрираме нови случаи на СИДА во општината“, изјави прим. д-р Билјана Трајкова специјалист епидемиолог, од велешкиот Центар за Јавно здравје.
Ако има нови случаи на СИДА кои се пренеле преку сексуални контакти, минатата година двојно е намален бројот на регистрирани случаи на хламидија во велешко, сексуално пренослива болест, во однос на 2016-та или во бројки 69 / 138. Епидемиологот д-р Трајкова констатира дека состојбата со заразните болести во општината била поволна. Или бројките покажуваат дека во 2017 година имало 1.115 случај на заразно заболување наспроти 1.698 во 2016-та. Лани и состојбата со грип била далеку поповолна 383 случаи, наспроти 3.703 година дена пред тоа.
„Лани состојбата со заразните заболувања во велешко беше поволна и контролирана. Забележан е далеку помал број на заболувања споредбено со 2016 година. Лани имаме 500 заболени помалку отколку година дена порано. Тоа се должи на помал број заболени на варичела, оти во 2016 година имаше голем број заболени деца од оваа болест. Во 2017 година имаше заболени, но болеста беше ставена под контрола“, рече д-р Трајкова.
П. ПЕЧКОВ