Седумгодишно девојче од тетовското село Челопек, по два дена лекување во Клиничката болница во Тетово ѝ се влошила здравствената состојба и починало. Девојчето било примено на Одделението за педијатрија во саботата, 20 септември нешто пред 21 часот, а починало во неделата, 21 септември.
Семејството на девојчето и жители на Челопек, преку социјалните мрежи бараат од надлежните органи, здравствените власти и правосудството да го испитаат секој аспект на овој случај, ако евентуално станува збор за небрижност од страна на лекарите.
Од Клиничката болница во Тетово преку соопштение велат дека биле преземени сите неопходно здравствени интервенции и дека лекарскиот персонал се однесувал крајно професионално веднаш откако било примено на одделението.
„Пациентката беше примена на Одделението за Педијатрија на датум 20.09.2025 во 20:40 часот навечер и веднаш беа преземени сите неопходни мерки согласно важечките медицински протоколи со цел поставување на точна дијагноза. Од моментот на приемот, беа преземени сите потребни медицински мерки соодветни на нејзината здравствена состојба, вклучително и интензивна рехидратација, согласно професионалните и клинички насоки. Со цел понатамошен третман, беше побарана помош од Одделението за ОРЛ за дополнителна интервенција, односно аспирација на секрети од усната шуплина. За жал, за време на интервенцијата, пациентката не покажа знаци на реакција, по што беше итно префрлена на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега, каде што беа преземени сите мерки за реанимација, но и покрај максималните напори на медицинскиот тим, пациентката почина. Со цел целосна транспарентност и расветлување на причините за смртта, болницата побара извршување на судско-медицинска обдукција. Сепак, до овој момент, семејството на пациентката го изрази своето противење за спроведување на обдукцијата“, се вели во соопштението на Клиничка болница Тетово.
Случајот го потврди и Тетовската полиција од каде соопштуваат дека во содејство со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
З. АНДОНОВ



