Почина 29-годишна македонска државјанка, а три млади девојки се повредени во тешка сообраќајната несреќа што се случи денеска на патот Игнација, надвор од Нисели во близина на Солун. Од Министерството за надворешни работи (МНР) вечерва соопштија дека денеска во 12 часот по локално време, се случила тешка сообраќајна несреќа, во која загина македонската државјанка М.Н. (1995).
„Претставниците на Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун, кои од времето на настанатата трагедија беа во контакт со блиски на жртвата, остануваат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките на починатата во земјата. Воедно, информираме дека засегнати се и три наши државјанки, сопатници на починатата, А. К. (2000) и М. Р. (2000), кои добиле тешки повреди и И. Ј. (1999) која не е повредена, при што се соодветно хоспитализирани. Генералниот конзулат останува во постојана комуникација со надлежните институции и на располагање на повредените наши државјанки и нивните семејства при евентуална потреба за помош, до нивното враќање дома“, соопшти МНР.
Во болницата во Верија со полесни повреди е пренесен и 74-годишен маж, возач на вториот автомобил.
Неофицијалнo, дознаваме, повредените жени се битолчанки кои патувале за Солун.
Според грчките медиуми, сообраќајката се случила на пет километри по излезот Нисели во правец на Солун кога се судриле две возила. За извлекување на девојките од првото возило била потребна помош од пожарникари кои ги пресеклe вратите за да можат да ги извлечат.
Сообраќајот бил во прекин додека повредените со возило на Брза помош биле превезувани во болница и возилата биле преместени покрај патот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА