ОД КОВИД-19 ПОЧИНА ПОРАНЕШНИОТ ПРАТЕНИК ТАЛЕ ГЕРАМИТЧИОСКИ НА 59 ГОДИНИ

    ОД КОВИД-19 ПОЧИНА ПОРАНЕШНИОТ ПРАТЕНИК ТАЛЕ ГЕРАМИТЧИОСКИ НА 59 ГОДИНИОсвен што беше пратеник, Тале Герамитчиоски беше и заменик министер за образование и наука. (Фото: Архивска фотографија)

    На 59-годишна возраст почина Тале Герамитчиоски, поранешен заменик-министер за образование во периодот од 2002 до 2006 година, актуелен професор на Техничкиот факултет во Битола. Според информациите што го пренесоа медуимите од Прилеп, каде што Герамитчиоски живееше, почина од компликации од ковид-19.

    Во Прилеп до вчера активни случаи со ковид-19 имаше 940, во еден ден шестмина починати и 32 новозаболени. По број на заболени Прилеп е втор во државата по Скопје, а од сите градови има највисока смртност.

    Герамитчиоски имаше дипломирано на Машински факултет во, Скопје. Магистрираше и докторираше на истиот факултет. Членуваше во многу здруженија. Беше претседател на Советот на факултетот, раководител на машинскиот отсек и други раководни функции на факултетот и Универзитетот. Беше пратеник во Собранието и заменик-министер за образование и наука. Имаше објавено многу трудови. Член на Македонското научно друштво – Битола.

    Во 2019 година беше кандидат за ректор на Битолскиот универзитет, но на изборот победи и доби втор мандат актуелниот ректор Сашо Коруновски. Герамитчиоски во своите изјави во последните години често апелираше да запре трендот на незаинтересираност кон Битола, Прилеп и Охрид.

    „Да се подигне интересот на целиот овој регион во делот на патната и железничката инфраструктура бидејќи сите ние што живееме во овој широк Пелагониски регион, а сме една третина од населението во Македонија, имавме впечаток дека сме слепо црево во Македонија и дека ништо не се случува тука“, своевремено имаше изјавено Герамитчиоски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира