ПОЧИНА ПРОФЕСОРОТ АЛЕКСАНДАР СТЕРЈОВСКИ, НАЈПЛОДНИОТ ХРОНИЧАР НА БИТОЛА

    ПОЧИНА ПРОФЕСОРОТ АЛЕКСАНДАР СТЕРЈОВСКИ, НАЈПЛОДНИОТ ХРОНИЧАР НА БИТОЛАСтерјовски има објавено голем број книги посветени на битолската историја (Фото: СДК.МК)

    На 92-годишна возраст почина проф. д-р Александар Стерјовски, универзитетски професор во пензија и најплодниот хроничар што досега го имала Битола. Погребот ќе се одржи в понеделник на Буковските гробишта во Битола. Стерјовски има објавено голем број книги посветени на битолската историја, а пред да почине подготвуваше уште една книга.

    Роден во 1933 година, Стерјовски студирал книжевност во 1953, осум години по кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, а филолошките студии во тоа време биле во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал ретка привилегија да му предаваат најзначајните фигури за македонскиот јазик во 20. век, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, еден од основоположниците на историјата на македонската книжевност и Димче Левков, претседател на Советот за просвета. Докторирал на Скопскиот државен универзитет.

    Беше професор на Педагошката академија, а потоа и на Педагошкиот факултет во Битола. Двапати беше проректор на Битолскиот универзитет. Објави повеќе книги, а од серијалот „Битолско десеткнижие“ ги публикуваше книгите „Битола – Руската колонија“, „Битола – каријатиди на театарот“, „Реката Драгор“, „Записи за злостреќи“, „Спорт“, „ Калеидоскоп“ и „Градби“.

    Двапати ја доби годишната награда „4 Ноември“, што ја доделува Општина Битола, а во 2014 ја доби и Наградата за животно дело.

    Пишаниот простор за Битола веќе нема да биде ист без неговото перо.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира