ПОЧНА ПРОЛЕТНОТО ТЕРЕНСКО ТРЕТИРАЊЕ ОД ЗЕМЈА ПРОТИВ ЛАРВИ ОД КОМАРЦИ ВО ВЕЛЕШКО

    ПОЧНА ПРОЛЕТНОТО ТЕРЕНСКО ТРЕТИРАЊЕ ОД ЗЕМЈА ПРОТИВ ЛАРВИ ОД КОМАРЦИ ВО ВЕЛЕШКОСе третираат седум хектари вода и водени површини, како и застоени водени површини кои се мапирани како лежишта на комарци. (Фото: СДК.МК)

    Започна пролетното теренско третирање против ларви од комарци од земја во Велешко, обврска на Општина Велес, согласно програмата за здравствена заштита на населението. Се третираат седум хектари вода и водени површини, како и застоени водени површини кои се мапирани како лежишта на комарци, а посебно внимание се посветува на површините со неистечена вода каде комарците имаат идеални услови за размножување.

    „Третманот се врши со биолошки препарат кој како активна материја содржи ларвицид за комарци во вид на кристали, кој се наоѓа на листата на биоцидни производи на Министерството за здравство. Се применува насочено само за комарци и ларви кои летаат во области кои се претходно одредени, се положува во застоени водени површини. Истото не е штетно за луѓето, пчелите, ниту за домашните миленици“, велат од Општина Велес.

    По спроведената постапка за извршување на овие активности, избран е операторот, а тоа е Центарот за јавно здравје од Скопје. Во овој период ќе бидат третирани крајбрежјето на езерото Младост, околината на езерото Јарбош, Градски парк, Градски стадион, Младински парк, течението на Вардар низ Велес, реонот на Потокот и градските фонтани.

    Согласно програмата се врши и есенско теренско третирање од земја против ларви од комарци. Општина Велес е една од малкуте во земјава која врши две третирања против комарци, и од воздух и по земја. Од мај ќе следуваат три авионски прскања.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира