Почна проширувањето и реконструкцијата на улиците за влез во подземната сообраќајница под „Лимак“ од Кисела Вода. Како што кажа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ова е почеток на првата фаза од изградбата на булеварот Македонија и ставање во функција на подземната сообраќајница.
Станува збор за правата фаза од вкупно четири фази која всушност е најлесна во целиот проект бидејќи предвидува само проширување и реконструкција на асфалтот на постојните улици. Проектот го опфаќа булеварот Борис Трајковски кај Рампа, улицата 11 Октомври, улицата Пролет, како и крак од булеварот Македонија. Во оваа етапа се предвидува и проширување на улицата Пролет во правец од „Тутунски комбинат“ до полициската станица Пролет со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три острови во форма на солза.
На потегот од улицата Пролет кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот Борис Трајковски ќе се воведе еднонасочен сообраќај.
„Оваа прва фаза ќе биде завршена за 90 дена. Веќе наредната недела ќе го распишеме тендерот за изградба на втората фаза односно двата кружни текови на потегот меѓу булеварот Кочо Рацин и улицата Јордан Мијалков или поранешна Железничка. Со тоа очекувам кога ќе завршат активностите од првата фаза веднаш да се почне со втората фаза. Овој комплексен капитален зафат се надевам дека ќе биде завршен до крајот на мојот мандат и со тоа за 30 отсто ќе има намалување на сообраќајниот метеж во градот“, рече Ѓорѓиевски.
Изградбата на првата фаза чини 77 милиони денари или 1,2 милиони евра, а градежните работи ќе ги изведува фирмата „Ленди груп“ од Скопје.
Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски, и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година при што прво инвеститорот треба да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.
Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. Во кампањата за локалните избори 2021 Шилегов ги промовираше проектите за кружните текови и тогаш рече дека по завршување на изборите ќе почнат постапките за нивна изградба.
Со доаѓањето на функција на Данела Арсовска во 2021, не беше ништо направено за овој проект. Од „Лимак“ пред две години за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека градежните работи на подземната улица се при крај, но нема никакви активност во делот кој треба да го изведе Град Скопје.
Подземната сообраќајница ќе има шест ленти, четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.
А. АНТЕВСКА



