Во Основниот суд Тетово денеска започна судењето на малолетната 17-годишна девојка која е обвинета дека во декември 2022 година го убила својот 16-годишен пријател. Убиството, за кое таа е обвинета, се случи во месноста „Бањиче“, во горниот тек на реката Пена.
„Главната расправа е завршена и дополнително ќе биде изречена пресудата. Осомниченото женско лице се товари за убиство“, само кратко информираа од Основниот суд Тетово.
Адвокатот Ибраим Бајрами кој учествуваше денеска во процесот како бранител на осомничена по завршување на рочиштето пред новинарите истакна дека судот одлучил пред јавноста да не се изнесуваат детали од судењето.
„По наредба на судот за кривичните предмети кои што се водат против малолетници, каде што жртви се малолетници не се дозволени изнесување на било какви околности за настанот на кривичните постапки. Поради тоа сметам дека оваа одредба од членот 99 од Закон за права на деца треба и вие да го анализирате и согласно тоа да вршите известувања и да побарате посебна дозвола од судот, судијата за деца, кој што одлучува кој дел од постапките е возможно да бидат предмет на јавен интерес“, изјави адвокатот Ибраим Бајрами.
Ова убиство се случи во декември 2022 година. Првин 16-годишното момче неколку денови се водеше како исчезнато и полицијата и тетовските пожарникари деноноќно трагаа по него. На 22 декември полицијата информираше дека безживотното тело на момчето било пронајдено во реката Пена во близина на месноста „Бањиче“. По извршениот увид било констатирано дека не се работи за несреќен случај туку убиство, по што Обвинителството покрена постапка поради сомнение за сторено убиство за кое е обвинета 17-годишна девојка од село Рогле, Општина Желино. Според некои сознанија, дента кога исчезнало 16 -годишното момче, таа била со него во автомобил во месноста „Бањиче“.
З. АНДОНОВ