Спроти Сточарскиот институт во Градски парк во Скопје ќе се гради летна сцена, првата од трите наградени на ланскиот конкурс на Град Скопје, со работна шифра „Коноид“. Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов најавуваат дека се почнати постапките за изведба на две летни отворени сцени во зелениот појас на Градски парк. Втората, по дизајнот на проектот со шифра „ОММ“, ќе се гради во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак кану клубот „Илинден 90“.
Двете сцени ќе се изведуваат според наградените решенија, од ланскиот конкурс за избор на три партерни идејни решенија за „Летна отворена сцена“ на три локации. Град Скопје најдобрите трудови на „ОММ“, „Коноид“ и „Конус“ со по 70.000 денари за секоја од трите локации.
„Летната сцена која ќе се гради спроти Сточарскиот институт, ќе биде отворена сцена составена од неколку делови и тоа од армирано-бетонска бина или подиум подигнат 40 сантиметри над теренот, челична носечка конструкција со два зглоба анкерувани во армирано-бетонската подлога со челични папучи заварени за неа во кои налегнуваат дрвените талпи поставени како изводници на коноид врз челичната носечка конструкција. Гледалиштето ќе се оформува со преместување на трибините кои, во оној период кога нема организиран настан на сцената, се поставени околу стеблата на поголемите дрвја кои се наоѓаат на локацијата и имаат улога на урбана опрема, клупи наменети за посетителите на паркот“, велат од Град Скопје.
Втората сцена ќе биде во вид на пресечен конус. Кај оваа сцена аудиториумот е вкопан со цел да се задоволат стандардите за непречено следење на сценската изведба. Секој ред е со широчина од 160 сантиметри и освен за седење може да се користи за понеформални собири и токму поради тоа не е предвидено поставување столчиња или друга опрема.