ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА НА ЈУЖЕН БУЛЕВАР НЕМА ДА СЕ КОРИСТИ ОТИ ГРАД СКОПЈЕ НЕ ГИ ГРАДИ ПРИКЛУЧОЦИТЕ

    ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА НА ЈУЖЕН БУЛЕВАР НЕМА ДА СЕ КОРИСТИ ОТИ ГРАД СКОПЈЕ НЕ ГИ ГРАДИ ПРИКЛУЧОЦИТЕОд турската компанија „Лимак“ ни кажаа дека тунелот за подземната улица е целосно пробиен и дека ќе биде готова догодина. (Фото: К. Попов)

    Подземната улицата која ја гради турски „Лимак“ како дел од договорот со Град Скопје ќе биде готова догодина, но нема да се користи оти не е почната никаква постапка за изградба на влезовите и излезите од сообраќајницата. За да може таа да се користи потребно е Град Скопје да изгради три приклучоци, односно кружен тек кај поранешна „Нова Македонија“, како и кружни текови на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницаата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин.

    После две години мандат на градоначалничката Данела Арсовска, нема никакви активности за овој проект кој е многу значаен за растоварување на сообраќајот во овој дел од градот. Со изградбата на трговскиот центар „Дајмонд мол“ и четирите 20-катници кои имаат 772 станови, во овој дел ќе се населат нови 3.000 жители и ќе има најмалку плус 1.000 возила секој ден.

    Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, како и цел двегодишен мандат, САКАМДАКАЖАМ.МК  не доби одговор на прашањата испратени за овој важен проект за Скопје.

    Од турската компанија „Лимак“ ни одговорија дека тунелот за подземната улица е целосно пробиен и дека догодина ќе биде готова.

    „Во моментов, бетонските работи на подземниот тунел се комплетно завршени, односно вкупната должина од 746 метри е целосно ископана, со поставени потпорни ѕидови и фундамент. За нејзината изградба се врши 14 метри длабок ископ, по што се градат потпорни ѕидови, кои се веројатно меѓу највисоките во земјава и се поставува фундамент. Се работи за важен инфраструктурен проект чие ставање во функција ќе овозможи брзо движење низ центарот на градот, што е клучен предизвик во централните градски подрачја. Изградбата на подземната сообраќајница, како и изградбата на останатите две станбени згради, e планирано да се заврши во текот на следната година“, велат од „Лимак“.

    Во комплексот „Дајмонд“ се предвидени четири кули со 20 ката. Две од нив, кои се наоѓаат кај зградата на „Тутунска банка“, се веќе готови и становите се продадени, а другите две кои се градат кај Урбан паркот ќе бидат готови догодина. Пред еден месец беше отворен трговскиот центар кој е дел од комплексот.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски, и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година и прво инвеститорот треба да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. Во кампањата за локалните избори 2021 Шилегов ги промовираше проектите за кружните текови и тогаш рече дека по завршување на изборите ќе почнат постапките за нивна изградба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира