Семафорите на крстосницата кај Момин Поток во Скопје не работат пола година. На крстосницата која е една од најпрометните во градот секој ден се создаваат гужви и колони возила.
Дополнително, улицата е раскопана поради градежени работи за изградба на клучката кои се одвиваат со многу бавно темпо, па и тоа го отежнува сообраќајот. Секој ден се создаваат километарски колони, а од дупките и прокопите среде улицата се искршија колите.
Клучката кај Момин Поток почна да се гради во јуни 2021. Тогашниот градоначалник Петре Шилегов кажа дека кружниот тек и клучката ќе бидат готови за 2 и пол години односно кон почетокот на 2024, со што Скопје ќе добие еден нов модерен лик. Но, овој рок е пробиен, ниту пак во скоро време клучката ќе биде изградена. Готов е само кружниот тек на крстосницата кај „Хубо маркет“.
Според проектот, за да се намали сообраќајниот метеж на овој потег се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи, а вториот треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина.
Изградбата на кружниот тек и клучката чинат 18 милиони евра.
Ова е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем.
А. АНТЕВСКА