Тетовската полиција започна со спроведување на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со што 5 тетовци останаа без своето возило во наредните три месеци поради тоа што не им биле регистрирани возилата.
„Од започнување на примената на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, на тетовското подрачје, времено се одземени вкупно пет возила поради истечена регистрација повеќе од шест месеци, според член 344 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Тие, согласно законот, ќе бидат задржани 90 дена во Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово“, соопштува портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Тетовци тешко се трезнат од новогодишната ноќ, па при вчера извршената контрола биле откриени 5 возачи кои управувале со моторно возило под дејство на алкохол. Освен ова во акцијата на тетовската полиција биле санкционирани и 120 возачи на моторни возила кои ги пречекориле максимално дозволените брзини. Од нив 89 прекршоци биле на тетовското подрачје, а 31 прекршок на гостиварското подрачје.
З. АНДОНОВ