Во полициската станица во Демир Хисар заврши информативниот разговор со директорката на Гимназијата „Крсте Петков Мисирков“ Маја Лозановска.
На 8 август вечерта, полицијата направи претрес во домот на Лозановска барајќи го печатот од училиштето. Таа во тој период беше на боледување, а полицискиот началник рече дека и на носилки ќе ја однесе на информативен разговор иако имаше налог само за претрес, а не и за нејзино лишување од слобода. Од МВР покренаа дисциплинска постапка против началникот, а за случајот соопштија дека против директорката имало пријава и постоеле основи на сомневање за кривично дело Одземање печат и службени документи.
Адвокатот на Лозановска, Жаре Стеваноски на 8 август изјави дека целта била да се назначи новата в. д. директорка Јасмина Дамчевска, која ја именуваше градоначалникот Никола Најдовски на пет дена пред распишување на локалните избори што се распишаа на 9 август, за таа да ги заврши трите вработувања пред распишување на изборите.
Адвокатот Стевановски, по денешниот разговор во полицијата, кажа дека при разговорот е укажано каде се печатите и е консултиран јавен обвинител.
„По насока на јавниот обвинител сега ќе се оди во училиштето, ќе се отвори сефот каде се чуваат и ќе бидат предадени со потврда за времено одземени предмети на службеното лице. Понатаму за враќање на печатите, јавниот обвинител треба да оцени на кого ќе ги предаде. Сè уште во Централен регистар Лозановска е директорка и се надеваме дека јавниот обвинител ќе ги има предвид и одредбите од член 8а од Изборниот законик дека се распишани изборите и сите постапки за разрешување се ставаат во мирување” , рече Стевановски.
Повеќе од еден час чекаа Лозановска и адвокатот Стеваноски во училишниот двор да дојде полицијата во школото за да ги најде и одземе печатите, за кои на 8 август имаа спроведено и претрес во нејзиниот дом. Откако дојдоа, по завршувањето на работното време во школото, односно по 15 часот, печатите беа пронајдени во метален сеф во Кабинетот по информатика. Тоа значи дека не биле одземени и изнесени надвор од школото, иако претресот во домот на Лозановска беше направен по претходна пријава во МВР за сторено кривично дело Одземање или уништување службен печат или спис.
„Конечно денес по сите детски игри, иако беше договорено по информативниот разговор да се пристапи до училиштето со цел да се констатира каде се печатите, по саат и пол чекање пред училиштето, го контактиравме инспекторот, ни беше речено дека никој не ги повикал. Па го контатиравме јавниот обвинител, кој потврди дека знае оти треба да дојдат полициски службеници за да се најдат и предадат печатите. Откако ги исконтатира, веројатно, по 5 минути дојдоа“, рече Стеваноски.
Тој додаде дека била направена само службена белешка во која се констатирало каде биле печатите, но не бил изготвен записник. Полицијата ги одзела со потврда за привремено одземени предмети.
- ПОЛИЦИЈАТА ГИ ЛЕГИТИМИРАШЕ НОВИНАРСКИТЕ ЕКИПИ КОИ ГИ СЛЕДЕА НАСТАНИТЕ ВО ДЕМИР ХИСАР ПОВРЗАНИ СО ДИРЕКТОРСКИТЕ СМЕНИ ВО ГИМНАЗИЈАТА, ЗА МВР БИЛЕ НЕПОЗНАТИ ЛИЦА
- ПОЛИЦИСКИОТ НАЧАЛНИК ОД ДЕМИР ХИСАР ЌЕ СИ СНОСИ ПОСЛЕДИЦИ, НО ДА НЕ ЈА АМНЕСТИРАМЕ И ДИРЕКТОРКАТА НА ШКОЛОТО КОЈА РАБОТИ СПРОТИВНО НА ЗАКОН, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
- ПОЛИЦИЈАТА ВО ПРИДРУЖБА НА БРЗА ПОМОШ ИЗВРШИ ПРЕТРЕС КАЈ ДИРЕКТОРКА НА ГИМНАЗИЈА ВО ДЕМИР ХИСАР, НАЧАЛНИКОТ БАРА ДА ЈА ОДНЕСАТ НА РАСПИТ НА НОСИЛКИ
- ПРЕД РАСПИШУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ САКАА ДА ЈА РАЗРЕШАТ ДИРЕКТОРКАТА НА УЧИЛИШТЕТО ВО ДЕМИР ХИСАР, ВЕЛИ АДВОКАТОТ, А ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ОДГОВАРА ДЕКА ПОСТАПУВАЛ ПО РЕШЕНИЕ НА ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОРАТ
- ДИРЕКТОРКАТА НА ГИМНАЗИЈАТА ОД ДЕМИР ХИСАР ВО ВТОРНИК ЌЕ ОДИ НА ИНФОРМАТИВЕН РАЗГОВОР ВО ПОЛИЦИЈА, НО СО АДВОКАТОТ ЌЕ БАРААТ ДА СЕ КОНСТАТИРА КОЈ ПРОВАЛИЛ ВО УЧИЛИШТЕТО ДЕН ПРЕД РАСПИШУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ
- ДИСЦИПЛИНСКА ЗА НАЧАЛНИКОТ КОЈ НА НОСИЛКИ САКАШЕ ДА ЈА НОСИ ДИРЕКТОРКАТА НА ГИМНАЗИЈАТА ОД ДЕМИР ХИСАР ВО ПОЛИЦИЈА, МВР МУ ПРОГНОЗИРА РАЗРЕШУВАЊЕ
Ж. ЗДРАВКОВСКА