Во вчерашната акциска контрола на СВР Тетово, во која се контролирало движењето на возилата надвор од населени места, полицијата фатила 66 возачи кои возеле побрзо отколку што е дозволено според сигнализацијата на патиштата. Некои се движеле и со брзина од над 150 километри на час.
„При контролата биле откриени вкупно 66 возила, 30 во Тетово и 36 во Гостивар, кои ја пречекориле дозволената брзина надвор од населено место. Од нив, кај 26 тетовци и 17 гостиварци било утврдено пречекорување за повеќе од 70 километри на час, што значи дека на автопатот, каде што брзината е ограничена на 80 километри на час, тие возеле со 150 километри на час, па и повеќе. Но, несовесните возачи не возат брзо само на автопатот Тетово-Гостивар, брзо се вози и на регионалиот пат Гостивар-Кичево и на другите магистрални и регионални патишта“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Прекршителите ќе бидат казнети со парични глоби, а некои може да добијат и забрана за управување со моторно возило, зависно од видот и карактерот на прекршокот.
Според Јосифовски, брзото возење е причината број еден за сообраќајните несреќи во Полошкиот регион, па затоа вакви контроли ќе продолжат и во наредниот период.
З. АНДОНОВ