Средношколците во Струмица со наполнети 18 години не покажале интерес да излезат да гласаат на престојните локални избори или ќе гласаат по налог на нивните родители. До ваква констатација дошле претставниците од Центарот на заедницата кој што ја спроведува кампањата „Ти избираш, излези да гласаш“ со која што се опфатени и средношколците од четврта година кои веќе се полнолетни, од четирите средношколски центри во Струмица каде ги информирале за нивните права, согласно изборниот законик
„Точно е дека имаше одбивност кај штотуку полнолетните кои за првпат ќе гласаат. Коментираа: ‘не сме заинтересирани да гласаме или ќе гласаме за тој кој ќе ни даде работа, иако првпат ќе го остваруваат правото на глас. Кажаа дека ќе гласаат исто како нивните родители. Значи нема да одат да гласат по сопствено убедување, туку по убедување на нивните родители. Завршните средношколци имаат на некој начи и одбивност за тоа да излезат да гласат“, рече Танкица Таукова од Центарот на заедницата во Струмица.
Освен во четирите средни училишта, Центарот на заедницата на Струмица, кампањата „Ти избираш, излези да гласаш“, ја спроведува и по месните и урбаните заедници каде што според Горан Сачевски граѓаните се изјаснувале дека за нив пресудни за изборот за кого ќе гласаат се партиите отколку кандидатите за градоначалник и советници.
„Граѓаните си кажаа дека ќе гласаат за политички партии со чија идеологија се најблиски и најмногу се согласуваат без разлика кои се личностите предложени за советници или кандидатите за градоначалници“, кажа Горан Сачевски
Во Струмица за престојните локални избори има двајца кандидати за градоначалник и две советнички листи кои доаѓаат од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. За градоначалничката функција се кандидираа Коста Јаневски, специјалист интернист од СДСМ, и Марјан Бајрактаров, специјалист по орална хирургија, од ВМРО ДПМНЕ.
В. ТРАЈКОВ