Половина метар е најдолгото испечатен гласачко ливче за престојните Локални избори, што ќе се одржат на 19 октомври. Поради бројноста на ливчињата за избор на градоначалници и советници и нивната должина вон стандард, ова беше една од најсложените постапки за печатење на избирачки материјал досега.
Покрај партиските, на овие Локалните избори ќе има и 69 кандидати за градоначалници и 68 листи за советници од независните иницијативи.
Утрово, со полициско обезбедување започна дистрибуцијата на гласачкиот материјал од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола до сите Општински изборни комисии во државата. Со камиони се транспортира доверливиот изборен материјал кој се состои од сите испечатени изводи на избирачките списоци, изводи на оригиналните обрасци односно засписници за секое избирачко место и секоја општинска комисија и сите гласачки ливчиња. Дистрибуцијата ја вршат 17 тимови на Држаната изборна комисија (ДИК) со обезбедување од МВР.
„Се работи за испечатени 4.613.438 гласачки ливчиња на ниво на држава, заедно со ливчињата за градоначалници и советници на Општините. Има 254.262 испечатени страници на избирачките списоци и посебните изводи на избирачките списоци. 8.692 записници како доверлив материјал за утврдување на изборните резултати и 8.330 примероци на Брајово писмо“, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко.
На овие избори ќе има 1.832.415 избирачи, 3.480 избирачки места, но ќе бидат отворени само 3.474 зашто во шест нема запишано гласачи, односно нема население.
„Локалните избори се најобемни избори и за овој вид на доверлив материјал се предвидени 48 милиони денари (околу 780.000 евра н.з.), но конечната сума ќе биде објавена подоцна во зависност од тоа на колку места ќе има гласање во вториот изборен круг“, рече Кондарко.
Процесот на печатење заврши два дена предвреме, изборниот материјал пред да биде дистрибуиран беше детално проверен, обезбеден, соодветно спакуван и сортиран.
„Локалните избори се најсложената операција што се работи, но искуството од минаттото ни дава за право да кажеме дека го надминавме предизвикот успешно. Најсложени се бидејќи содржат 80 Општини, 80 листи како за градоначалник, така и за Совет и плус по 10 листи за градоначалник и Совет во Градот Скопје. Предизвик за печатење беше големината на гласачкото ливче вон стандардот што го работиме. Најдолгото ливче беше 500 милиметри, тие беа најголеми и најтешки за работа и манипулација“, рече Вангел Талевски, генерален менаџер на печатницата „Киро Дандаро“ во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА