ПОПОВА ШАПКА Е ИДЕАЛНО МЕСТО ЗА СПАС ОД ЛЕТНИТЕ ГОРЕШТИНИ, НО НЕМА ТУРИСТИ ОТИ НЕМА ПРОМОЦИЈА

    ПОПОВА ШАПКА Е ИДЕАЛНО МЕСТО ЗА СПАС ОД ЛЕТНИТЕ ГОРЕШТИНИ, НО НЕМА ТУРИСТИ ОТИ НЕМА ПРОМОЦИЈАИако е средина на летото Попова Шапка е сета во зеленило, на секој чекор може да се соберат боровинки, шумски јаготки, лековити билки за чај. (Фото: СДК.МК)

    Метеоролозите велат дека ова е едно од најтоплите лета откако се мери температурата, но на Попова Шапка летово и при најголемите горештини температурата не била повисока од 25 степени. Сепак, и покрај чистиот воздух, убавата природна средина, пријатната температура, на Попова Шапка ова лето има малку посетители.

    „На Попова Шапка првпат сум дошол во 1967 година, а од 1985 кога овде направив викендичка, секое лето сум тука. Еве сега со семејството шетаме низ планината и собираме боровинки. Попова Шапка е импресивна, Попова Шапка само треба да се доживее“, вели Димко Борисов-Марковски, редовен посетител на Попова Шапка.

    За разлика од зимскиот период, во лето работат само 2-3 хотели. Другите сместувачки капацитети се затворени поради слаб интерес за престој во овој период од годината. Како што напомена еден хотелиер, на Попова Шапка сега има повеќе странски туристи отколку домашни.

    „Луѓето малку знаат што се нуди Попова Шапка во овие летни месеци. Интересот во летниот период нормално е малку помал за разлика од зимскиот период, бидејќи не е во екот на сезоната, но за викендите во сабота и во недела, кога е е премногу жешкото во градот, гости доаѓаат тука да направат викенд, да одморат, да се прошетаат на чист воздух, да се разладат малку. Во овој период, нашите капацитети на хотелот не се целосно искористени и може да се најде слободно место. Сепак, најмногу гости имаме за време на викендите, а посебно во деновите кога доле во градовите владеат високи температури. Овде за време на најголемите жештини температурата не е повисока од 24-25 степени и е навистина пријатно за престој“, вели Гале Неделковски, сопственик на хотелот „Арена“ на Попова Шапка.

    За разлика од зимскиот период, во лето работат само 2-3 хотели, а има главно странски туристи. (Фото: СДК.МК)

    Со него се согласува и Хашим Хасани, сопственик на хотелот „Скардус“. И двајцата се свесни дека на гостите треба да им се понудат повеќе погодности, повеќе информации и поголема промоција, но како што велат, не можат сè сами, тука мора и државата да им помогне.

    „Еве сега имаме повеќе посетители од странство отколку домашни гости. Имаме малку дневни туристи, по се изгледа дека повеќето од луѓето се на море. Сепак имаме гости, најмногу доаѓаат од Чешка, Словачка, Германија, Швајцарија, а има и од нашите иселеници кои сега се тука на одмор. Попова Шапка има голем потенцијал за летен туризам, но малку од тоа го користиме. Сега на гостите можеме да им понудиме возење со велосипеди низ планината, јавање со коњи, а има и планинарски тури. Сепак, за развој на туризмот на Попова Шапка треба многу повеќе да се инвестира во инфраструктурата, да се зголеми промоцијата, но и државата треба сериозно да се ангажира и да ни помогне, бидејќи сега е оставено се на нас, на два-три хотели кои работат во летниот период“, вели Хасани.

    Во хотелот „Скардус“ затекнавме и една гостинка од Холандија која со семејството ги поминува овие летни денови на Попова Шапка.

    „Ми се допаѓа многу, времето е многу убаво. Сега кога е многу топло во Тетово многу е кул да се биде тука. Времето е многу убаво, природата е прекрасна. Ни се допаѓа тоа што сме на посета тука. Доаѓаме неколку пати во годината, сме биле и во зима на скијање. Кога се големи горештини, подобро е да си тука горе, отколку долу во градовите. Генерално гледано, Попова Шапка е многу убаво место“, вели Холанѓанката Лејл.

    Иако е средина на летото Попова Шапка е сета во зеленило. На секој чекор може да се соберат боровинки, шумски јаготки, лековити билки за чај. Пријатната температура овозможува непрекинати прошетки по падините на Шара, а навечер, ако се остане на спиење задолжително ќе треба покривање со некоја подебела покривка. Сето ова ја први Попова Шапка како идеално место за престој во лето.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира