ПОРАДИ ГРАДЕЖНИ РАБОТИ БЛИЗУ МЕРНАТА СТАНИЦА, ЕДНА НЕДЕЛА НЕ СЕ МЕРЕА ПМ10 ЧЕСТИЧКИТЕ ВО ВЕЛЕС

    ПОРАДИ ГРАДЕЖНИ РАБОТИ БЛИЗУ МЕРНАТА СТАНИЦА, ЕДНА НЕДЕЛА НЕ СЕ МЕРЕА ПМ10 ЧЕСТИЧКИТЕ ВО ВЕЛЕСИнструментот бил исклучен со цел да не се оштети (Фото: СДК.МК)

    Мерните инструменти за квалитетот на воздухот во Велес една седмица не покажуваа вредности за ПМ10 честичките. Причината што не работеа биле градежните работи во близина на мерната станица во населбата Тунел и можноста апаратурата да се оштети, соопштија од Министерството за животна средина (МЖС), во чија сопственост е мерната станица. Таа вчера била повторно вклучена.

    „Од 2 до 7 февруари, инструментот беше исклучен поради изведување интензивни градежни активности на улицата Благој Ѓорев во непосредна близина на станицата и можноста да се оштети и запуши со покрупни честички. Градежна компанија вршеше отстранување на горниот дел од асфалтот на улицата, што испушташе голема количина прашина“, соопштија од МЖС.

    Во периодот пред да се исклучи мерната станица, поради близината на градежните активности, беа измерени енормно високи вредности на ПМ10 честички во воздухот во Велес.

    Од Министерството потсетуваат дека во вакви случаи, изведувачот е должен да врши прскање на улицата заради намалување на концентрацијата на секундарната прашина. Надлежните лица од Општина Велес информирале дека поради ниските температури, тоа не можело да се изведе зашто постоела можност од замрзнување на коловозот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира