ПОРАДИ ОПАСНОСТ ОД НАТАМОШНО ЛИЗГАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО, 17 ЖИТЕЛИ НА ШИПКОВИЦА МОРАЛЕ ДА ГИ НАПУШТАТ ДОМОВИТЕ

    ПОРАДИ ОПАСНОСТ ОД НАТАМОШНО ЛИЗГАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО, 17 ЖИТЕЛИ НА ШИПКОВИЦА МОРАЛЕ ДА ГИ НАПУШТАТ ДОМОВИТЕЧленовите на четирите семејства веќе се евакуирани и се згрижени кај свои роднини. (Фото: СДК.МК)

    Поради обилните дождови кои го зафатија западниот регион, дошло до свлечиште во селото Шипковица. Директно биле загрозени четири куќи, поради што од ЦУК на жителите им биле дадени насоки да ги напуштат живеалиштата заради опасност од појава на нови свлечишта.

    Жителите на Шипковица и денес се во недоумица што да прават, дали да се вратат во своите домови или да почекаат уште малку, бидејќи обилните дождови не престанаа, со што опасноста од нови одрони сè уште е присутна.

    „Многу земја падна од горе. Сега е ризично да седиме во нашите куќи. Првиот одрон беше во 01:20, а потоа и во 03:15 часот, во ноќта од среда кон четврток. Од ЦУК ни рекоа привремено да се сместиме во други објекти. Еве, две ноќи спиеме во туѓи куќи и мислиме да се вратиме дома, па и нека нè затрупа, не се плашиме веќе. Пред неколку години, кога исто така имаше одрони, ни рекоа дека ќе се прави заштитен ѕид, но тој не е целосно реализиран. Направија дел до мостот, но треба да се направат уште 110 метри надолу, а јас не знам зошто тоа не е доправено. Претставниците од Кризниот штаб, кои разговарале со Општината, рекоа дека ќе го доправат ѕидот, но требало да се смири времето“, вели Мумин Велија, жител на село Шипковица.

    Од Кризниот штаб на Општина Тетово, во соработка со Центарот за управување со кризи, соопштуваат дека внимателно се следи состојбата во Шипковица, каде што како резултат на свлечиштето се загрозени четири куќи. Членовите на четирите семејства веќе се евакуирани и се згрижени кај свои роднини. Вкупно 17 жители ги напуштија своите домови, додека врнежите од дожд продолжуваат.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира