Школска бомба без експлозивно полнење била пронајдена во кафулето „Кафе Ин“ во Прилеп пред синоќешниот концерт на српската пејачка Цеца на „Пиво Фест“, соопштија од МВР. Нема повредени и материјална штета, а од полицијата велат дека веднаш презеле соодветни мерки за отстранувањe на бомбата и расчистување на случајот.
„На 19.07.2019 околу 23.10 часот во угостителски објект во Прилеп била пронајдена школска бомба која нема експлозивно полнење. Веднаш биле преземени соодветни мерки и таа била подигната од местото. Нема повредени лица и материјална штета. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Од Основното јавно обвинителство Прилеп велат дека дежурен јавен обвинител извршил увид во кафе барот „Кафе Ин“ каде вчера вечерта во саксија за цвеќе бил пронајден предмет, налик на бомба.
„Во присуство на припадници од Одделот за антитерористичка заштита, првично е утврдено дека предметот е бомба која по наредба на јавен обвинител е подигната, обезбедена и испратена на вештачење. Истовремено, издадени се насоки и наредби за целосно расчистување на настанот“, велат од обвинителството.