Во Штип изминатава недела се украсуваат главните улици, кејот на реката Отиња и Градскиот плоштад. Општинските служби официјално највија дека од денеска започнува декемвриската новогодишна програма.
„Решивме цел декември, па и во јануари, да има разновидна новогодишна програма. Од денеска, Штип новогодишно блеснува што значи од денеска со поставувањето и осветлувањето на големата елка на Градскиот плоштад започнува штипската новогодишна бајка. Сепак, главните новогодишни програми ќе се одржуваат на улицата Ванчо Прќе која веќе трета година е шеталиште и е најпогодна локација за вакви програми“, вели градоначалникот Иван Јорданов.
Тој најави дека новото штипско шеталиште, на кое веќе се поставени новогодишните куќички, цел месец ќе биде новогодишен базар со секојдневна музичка програма. Ќе настапуваат локалните музички состави од сите возрасти, почнувајќи од градинките, па до музичките групи кои ќе настапуваат неколку дена пред Нова година.
Т. ЈОВАНОВСКИ



