На 78-годишнината од ослободувањето на Битола од фашистичкиот окупатор, 4 ноември, во градот ќе престојува и потпретседателката на Република Бугарија Илиана Јотова. Засега нема официјална информација за целта на нејзината посета и агендата за време на престојот. Од Општина Битола соопштија дека таа не доаѓа во официјална посета на Општината.
Од СВР Битола соопштија дека на 4 ноември „ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот поради присуството на подрачје на Битола и Битолско на потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова“.
Неофицијално дознаваме дека таа во Битола ќе престојува два дена. Пристигнува утре, потоа ќе го посети ресенското село Евла, а в сабота и бугарскиот конзулат и бугарските гробишта во Цапари.
Јотова, заедно со тогашниот бугарски премиер Кирил Петков, на 16 април беше на отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во еврејското маало во Битола. Тогаш, на прашањето од дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК од Битола кога Бугарија ќе дозволи Македонците таму да отворат свој клуб и македонски премиер да дојде на неговото отворање, Јотова одговори со прашање „кои се тие Македонци во Бугарија“, нагласувајќи дека досега до нив никој не поднел барање за отворање македонски клуб.
„Кои се тие Македонци во Бугарија, дајте ми пример. Јас многу одамна се занимавам со таа тема, бев и десет години во Европскиот парламент, никој досега од ваша страна не побарал такво нешто“, рече тогаш Јотова и го го игнорираше прашањето на новинарите зошто досега не ги примениле одлуките на судот во Стразбур во врска со правата за регистрација на македонските здруженија во Бугарија.
Битолачни коментираат дека немаат ништо против таа да дојде во Битола и да присуствува на настани со кои се одбележува Денот на ослободувањето, но ќе буде провокација ако се впушти во посета на бугарскиот клуб кој го носи името на фашистичкиот соработник Ванчо Михајлов.
Ж. ЗДРАВКОВСКА