ПОТРЕБЕН Е ПРИФАТЕН ЦЕНТАР ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ ПОВРЕДЕНИ ЖИВОТНИ, СИРАЦИ ИЛИ ЗАПЛЕНЕТИ ЕГЗОТИЧНИ ЖИВОТНИ

    ПОТРЕБЕН Е ПРИФАТЕН ЦЕНТАР ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ ПОВРЕДЕНИ ЖИВОТНИ, СИРАЦИ ИЛИ ЗАПЛЕНЕТИ ЕГЗОТИЧНИ ЖИВОТНИЦелта на овој центар треба да биде згрижување повредени автохтони животни или млади единки останати без родители, на кои им е потребна медицинска помош и грижа за да достигнат возраст на која ќе бидат способни да преживеат во природата. (архивска фотографија)

    Последните случаи кога кобила се ождреби на улица во Скопје, мече беше фатено во замка на планината Јакупица, а друго угина прегазено од автомобил на автопат, го актуелизираа проблемот дека Македонија долги години е без прифатен центар за згрижување повредени животни, сираци или запленети егзотични животни. Целта на овој центар треба да биде згрижување повредени автохтони животни или млади единки останати без родители, на кои им е потребна медицинска помош и грижа за да достигнат возраст на која ќе бидат способни да преживеат во природата. Потребата од ваков центар е препознаена одамна, а е актуелизирана во последните десетина години. Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кај кого се обратија повеќе институции во случаите за спас на двете мечиња, потврдуваат дека е потребен ваков прифатен центар.

    „Прифатниот центар треба да претставува професионална институција за која ќе биде обезбедено долгорочно финансирање и, пред сè, ќе се грижи за доброто на единките кои припаѓаат на засегнати и заштитени диви видови животни. Во него треба да бидат вработени кадри кои ќе поминат соодветна обука за справување со диви животни, првенствено цицачи и птици, а центарот треба да биде под раководство на доктори по ветеринарна медицина. Прифатниот центар треба да има на располагање соодветни простории за каква било ветеринарна интервенција поврзана со здравствениот статус на животните. Освен тоа, оваа институција треба да располага со повеќе карантински простори и заградени живеалишта адаптирани на потребите на животните, каде што единките ќе можат да се рехабилитираат за да можат повторно да се вратат во природата“, велат од ДИЖС.

    Според стручните проценки, прифатниот центар за почеток треба да биде фокусиран на најприоритетните, критично загрозени видови животни и птици во Македонија: балкански рис, египетски мршојадец (кања) и белоглав мршојадец. На овие видови им се заканува опасност од исчезнување, па затоа грижата за секоја единка е приоритет.

    „Не секое животно може да се врати во природата откако подолго време било во присуство на луѓе или израснало со нивна помош. Како најкарактеристичен пример е кафеавата мечка, која под никакви услови не би требало да се врати во дивината откако била изложена на човекова нега, вклучително и мече кое целосно било одгледано од човек. Мечките се доста подложни на процесот на хабитуација (привикнување на живот со луѓе), со што можат да станат опасни за локалното население во регионот на нивното евентуално враќање“, додаваат од ДИЖС.

    Една од причините за воспоставување ваков центар е и привременото згрижување единки што биле предмет на нелегална меѓународна трговија и се запленети од царинските служби.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира