Советници од граѓанските иницијативи во скопските општини Центар, Карпош и од Град Скопје денеска имаа средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во однос на блокадите од политичките партии во Парламентот за нивно учество на изборите.
Независните советнииц од „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелен хуман град“ ѝ кажале на Сиљановска-Давкова дека со актуелните измени на Изборниот законик коишто предвидуваат обврска за собирање повеќе од 1% потписи од електоратот за поднесување независни кандидатски листи во некои општини, се доведуваат во нерамноправна положба во изборниот процес. За нив, горенаведените измени се противуставни како од процедурален заради скратената постапка, така и од материјален аспект заради дискриминацијата.
„Претседателката ја реафирмираше потребата од инклузивна постапка во функција на постигнување широк консензус за измените на Изборниот законик, почитување на меѓународните изборни принципи, правила и добри практики, како и водење сметка за одлуките на Уставниот суд”, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова по средбата.
Девет граѓански иницијативи цела година водат битка со институциите откако власта и опозицијата лани донесоа измени на Изборниот законик со кој го зголемија прагот на потребни потписи за учество на независните на избори. Уставен суд пред еден месец ја укина оваа измена на Изборниот законик, но власта и опозицијата предлагаат по брза постапка нови измени на ИЗборниот законик со кои пак сакаат да ги исклучат независните од учество на изборите.
Граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“ и „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово бараат да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидати по пример на бројните европски држави. Исто така се бара да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот, да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидати за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка, да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.
А. АНТЕВСКА