Нов пожар избувна попладнево во Битолско во близина на селото Отрец во подножјето на Баба Планина. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека пожарот опфаќа поширок непристапен карпест релјефен простор обраснет со висока сува трева, нискостеблеста деградирана шума, но полека се движи кон густа дабова шума. На терен интервенираат вработени во Националниот парк Пелистер и доброволци.
Од Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ велат дека се борат со огнот за да не се прошири кон Националниот парк Пелистер.
Ова не е единствено огнено жариште во Битолско вечерва. Гори и на неколку места во Општина Новаци. Денес повторно се активира пожарот кај селото Паралово и манастирот „Свети Ѓорги“, како и кај селата Брник и на други места. Пред два дена се водеше голема битка за спас на Паралово и манастирот, а сега повторно се загрозени. На терен се и екипи на Територијалната противпожарна единица од Битола.
„Денес кај Паралпово имаше силен ветер и ситуацијата стана катастрофална. Околу 17 часот добивме повици од сите страни од загрижени жители, од Паралово, Брник, Острец. Не знаевме каде побрзо да се упатиме, а екипите ни се целосно исцрпени. 130 саати сме на терен. Но, срцето ни е како планина, посилно од пламените“, рече Александар Ангелевски од „Архангел“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА