Нов пожар вечерва изби во Скопје, кај Смилковско Езеро. На терен се екипи од скопската Пожарна, Министерството за одбрана (МО) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Центарот за управување со кризи информираа дека моментално интервенираат 5 противпожарни возила на Град Скопје со 16 пожарникари и 2 специјални интервентни возила на Дирекцијата за заштита и спасување. Ветерот што дува ја отежнува локализацијата на пожарот.
Како што кажа градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски, кој е на местото на пожарот, се работи на широка територија на опфат и се работи да не се рашири кон населените места и кон комплексот фабрики во Железара.
Градоначалникот Стефковски кажа дека постојан сомневања оти пожарот е подметнат. И градоначалникот на Бутел Дарко Костовски на Фејсбук објави дека пожарот е подметнат и дека има многу очевидци кои дале изјави во МВР.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва по состанокот на Kризниот штаб во Владата, кажа дека сите денешни пожари се ставени под контрола, но и оти има докази дека се намерно подметнати и распламтени. Тој рече дека нема да ја загрозува предистрагата и да открива детали, но станало пресимптоматично што како се гасел еден, веднаш стартувал друг, па трет итн.
Центарoт за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека до 18 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а 4 се изгаснати. Од ЦУК велат дека ангажирани се припадници од Армијата, кои активно учествуваат во гаснењето на повеќе позиции.
А. АНТЕВСКА