По повеќе од еден час големо невреме, дождот престана, а тетовци почнаа да ги чистат подрумите, гаражите и влезовите во куќите од надојдената вода. Повторно најмногу штета имаше на објектите на неколку критични точки во градот, населбата спроти касарната во Тетово, куќите кај текстилното училиште, гаражите во Блок 80, подвозникот на излезот од Тетово кон Скопје и на уште неколку места. На помош на граѓаните им дојдоа екипи од Противпожарната единица од Тетово кои со моторни пумпи ја извлекуваа водата од поплавените објекти. И овој пат, како и неколкупати досега, причинетите штети се големи.
„Не е прв пат ова да ни се случува, досега четири-пет пати како ни се поплавуваат куќите на ова место. Одевме кај надлежните во Општината и се ни ветуваа дека ќе дојдат и ќе го средат ова критично место, но се останува на збор. Навистина имаше многу дожд, но овој проблем мора да се реши. Порано оградата од касарната беше со жица а покрај неа имаше одводен канал, но пред некоја година поставија кај оградата ѕид, а каналот го затрупаа и сега водата нема кај да оди и влегува право во нашите куќи. Штетите се огромни, ни се поплавени пелети, фрижидери, печки, мебел и други електрични апарати. Ние не бараме оштета од поплавиве, важно ни е еднаш засекогаш да се реши проблемот со оваа улица“, вели Жарко Крстевски, чија куќа редовно при поголеми дождови се поплавува.
И овојпат тетовци чии куќи се поплавени спасот го гледаат во тетовските пожарникари. Тие веднаш излегоа на терен на најкритичните места и со пумпи почнаа да ја вадат водата од поплавените простории.
„Моментално ситуацијата е многу тешка, има многу поплавени куќи и објекти кои треба да се чистат. Најголеми штети има направено во Мала Речица, поплавени куќи има на улица Мирче Ацев, имавме три интервенции кога спасувавме лица од возила, при што еден случај беше покритичен, па лицето моравме да го вадиме преку покривот од возилото, имаше многу вода и ние едвај го спасивме. Бидејќи имавме многу поплавени куќи побаравме од ЕВН да ја исклучи струјата зашто се плашевме од евентуални струјни удари. Струјата беше исклучена за кратко, а потоа, на наше барање повторно беше вклучена“, изјави Авни Амети, командир на Противпожарната бригада на Општина Тетово.
Невремето направило големи штети и на земјоделските и овошните насади во Тетовскиот Регион, но засега нема официјални информации колкави се тие.
З. АНДОНОВ