ПОЖАРОТ КАЈ ВЕЛЕС ЈА УНИШТИЛ ПОПУЛАЦИЈАТА НА ЗАЈАЦИ, ЕРЕБИЦИ И ДРУГ СИТЕН ДИВЕЧ

    ПОЖАРОТ КАЈ ВЕЛЕС ЈА УНИШТИЛ ПОПУЛАЦИЈАТА НА ЗАЈАЦИ, ЕРЕБИЦИ И ДРУГ СИТЕН ДИВЕЧПожарот кој зафати површина од 400 хектари предизвикал штети од еден милион евра (Фото: СДК.МК)

    Големиот пожар што пред седум дена беснееше во околината на Велес го уништи и животинскиот свет во тој предел. Ловџиите од ловното друштво „Руен“, под чија концесија се површините, изминатите денови биле на увид и констатирале катастрофални последици.

    „Целосно е уништен животинскиот свет на сите 400 хектари кои изгореа. Уништена е популацијата на зајаци, еребици и на друг ситен и прелетен дивеч. Последиците ќе ги чувствуваме долго време“, кажа Ване Нанов од „Руен“.

    Подрачјето околу езерото Младост неколку години било забрането за лов како заштитена зона. Според директорот на ЈП „Македонски шуми“, пожарот кој зафати површина од 400 хектари, од кои 200 хектари со црна дабова шума, предизвикал штети од еден милион евра. Притоа изгорела дрвна маса од 20.000 кубни метри или колку што велешани користат во една грејна сезона.

    Двајцата осомничени за пожарот, вклучувајќи го управителот на фирмата која ги изведувала работите, се во 30-дневен притвор, додека на останатите тројца судот им одреди мерка претпазливост. Тие се осомничени за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира