ПРАТЕНИКОТ МИЛЕВСКИ ОБВИНИ ДЕКА СЕ ЗАТВОРА СКИ ЦЕНТАРОТ НА ПЕЛИСТЕР, ОД ЕЛЕМ ТУРС ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е САМО ЗА НЕДЕЛАВА ОТИ НЕМА СНЕГ

    ПРАТЕНИКОТ МИЛЕВСКИ ОБВИНИ ДЕКА СЕ ЗАТВОРА СКИ ЦЕНТАРОТ НА ПЕЛИСТЕР, ОД ЕЛЕМ ТУРС ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е САМО ЗА НЕДЕЛАВА ОТИ НЕМА СНЕГOд ЕЛЕМ Турс испратија фотографии за тоа каква е состојбата на ски патеките оваа недела.

    Пратеникот на ЛДП од Битола, Горан Милевски, ја разбранува битолската јавност откако на својот Фејсбук профил напиша дека има одлука од страна на ЕЛЕМ за затворање на Ски центарот „Копанки“ на Пелистер.

    „Како пратеник и битолчанец жестоко ја осудувам и отфрлам одлуката на генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миноски, да го затвори Ски центарот ’Копанки‘ поради како што објавиле топење на снегот, што е класична измама и секој кој уживаше на патеките на Копанки овој викенд знае дека тоа не е вистина. Дополнително 15 луѓе поради оваа неразумна одлука ќе останат без своите работни места“, напишал Милевски на Фејсбук.

    Тој бара ЕЛЕМ да ја преиспита одлуката и да го отвори Ски центарот бидејќи како што напишал, здравиот живот и спортувањето е единствениот одговор на загадувањето од РЕК „Битола“. Тој воедно упати и прашање до Управата зошто во изминатите месеци не ја подготвиле ски патеката на Копанки за ноќно скијање и не обезбедиле топови на вештачки снег, туку на официјалната страница на ЕЛЕМ Турс повикувале на ноќно скијање на Шар Планина.

    Покрај ова, Милевски прикачил и фотографии од ски патеката за која вели дека е одлична за скијање.

    По критиките на Милевски, со писмена реакција се огласи ЕЛЕМ Турс, од каде велат дека во Ски-центарот „Копанки“ во моментов нема услови за скијање поради топење на снегот и од таа причина ски-лифтот не работи.

    „По завршувањето на викендот, поради новонастанатата состојба со високи температури и врнежи од дожд кои ја стопија снежната покривка, а треба да се земе предвид и фактот дека во работните денови има многу слаба заинтересираност од посетители, одлучено е центарот да не работи во текот на неделата, додека пак во текот на следниот викенд, доколку има нови врнежи од снег, истиот повторно ќе биде отворен“, пишува во соопштението.

    Од ЕЛЕМ Турс велат дека поради неработењето на ски-лифтот во текот на работните денови од оваа недела ниеден работник нема да изгуби ангажман, од причина што за опслужување на жичницата се ангажирани сезонски работници кои имаат договор со одредено времетраење за потребите на зимската сезона.

    И од ЕЛЕМ Турс исто така испратија фотографии за тоа каква е состојбата на ски патеките оваа недела.

    Инаку, „Копанки“ е една од првите ски патеки во земјава, а за жал сѐ уште зависи од природните временски услови, нема вештачки снег, па дел од љубителите на скијањето мораат во сезоните слаби со снег да патуваат во ски центрите Вигла и Ворас во Грција.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари