ПРАВОСИЛНО Е ПОНИШТЕНОТО ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА 17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, „НЕЗАВИСНИ ЗА КАРПОШ“ БАРААТ ЈАКИМОВСКИ ДА ЈА ПОНИШТИ ДОЗВОЛАТА ЗА ГРАДБА

    ПРАВОСИЛНО Е ПОНИШТЕНОТО ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА 17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, „НЕЗАВИСНИ ЗА КАРПОШ“ БАРААТ ЈАКИМОВСКИ ДА ЈА ПОНИШТИ ДОЗВОЛАТА ЗА ГРАДБАПозитивно конзерваторско мислење беше услов за добивање на градежната дозвола. (Фото: СДК.МК)

    Поништеното позитивно конзерваторско мислење за 17-катницата кај Воена болница е правосилно. Од советничката група „Независни за Карпош“ бараат градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски да ја поништи издадената градежна дозвола.

    Еве му шанса на градоначалникот да ѝ покаже на јавноста дека работи чесно и согласно законите, како што деновиве изјавува по медиуми како претседателски кандидат и ставен несреќно на црната листа на САД. Решението со кое се поништи незаконското позитивно конзерваторско мислење за градење на зградите во болничкиот комплекс на Воена болница, ‘Жан Митрев‘ и поликлиниката Букурешт е правосилно. Градоначалникот и надлежните во Општина Карпош мора да постапат по службена должност и да го поништат одобрението за градење, зошто позитивното конзерваторско мислење беше услов за негово добивање“, велат од „Независни за Карпош“.

    Конзерваторскиот центар Скопје на 21 февруари го поништи позитивното мислење за изградба на зградата сред болничкиот комплекс кај Воена болница оти е спротивно на Законот за заштита на културно наследство. После ваквата одлука инвеститорот „ЗСФ Ком ДООЕЛ“ поднесе жалба која беше отфрлена.

    Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ Ком ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“.

    Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира