Пред стартот на грејната сезона, енергетскиот стожер на Македонија, РЕК „Битола“, е оставен без доволни количини јаглен, а затекнатата руда на депонијата е со исклучително лош квалитет, соопшти новото раководство на АД ЕСМ и РЕК, кои извршија сеопфатна анализа на состојбите во рударско-енергетскиот комбинат. Констатирано е дека нема доволно откривки на јаглен од кои може да се обезбеди континуиран ископ за потребите на термоблоковите. Од домашното производство засега може да се обезбеди само работа на еден блок и нешто малку повеќе, а за да работат и другите, ќе мора да продолжи увозот од Грција. Така во претстојните зимски месеци, барем до декември, РЕК ќе работи со два, наместо со три блока.
„Во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино состојбата воопшто не е розова, таа е доста лоша. Од Суводол можат дневно да се експлоатираат околу 4.000 тони јаглен и 2.500 до 3.000 тони од Брод-Гнеотино. Тоа значи околу 7.000 тони јаглен, што е доволно за работата на еден блок и нешто малку да остане. Другото ќе го увезуваме за да има доволно РЕК да работи со два блока. За да работат трите блока потребни се 18.000 тони јаглен дневно. Доколку успееме да набавиме јаглен со соодветен квалитет во текот на зимата, ќе го ставиме во функција и третиот блок“, изјави Зоран Коњановски, директор на производството во АД ЕСМ.
Тој обвини дека во изминатиот период се увезувал јаглен со многу лош квалитет, а како доказ покажа црна грутчеста материја, за која рече дека пред една година била извадена од еден од блоковите кој не можел со месеци да се опорави зашто до кота 13 бил наполнет со скаменета маса. Доаѓале екипи со минирање да ги отстранат ваквите состојби. Коњановски посочи дека иако увозот на јаглен ќе мора да продолжи, тие ќе се обидат да набават квалитетен лигнит по многу поповолни финансиски услови.
„Ќе биде според еколошките потреби и нема да дозволиме да се увезува јаглен со повеќе од еден процент сулфур во него“, додаде Коњановски.
По теренската обиколка, раководството на ЕСМ посочи дека во Подинската серија во Суводол веќе пет години воопшто не се работело на откривка на јаглен, не е монтиран еден цел БТО систем и работено е надвор од проектната документација. За ова рекоа дека ќе следат кривични пријави за загрозување не енергетската стабилност на државата.
„Првпат во историјата на РЕК не е направен ремонт на блок 1. Планирано било за 15 септември, но тендерите за одредени постапки не се завршени. Блок еден ќе го конзервираме во овој период за да ни служи како ладна резерва, ќе работиме во текот на сезоната со два блока. Доколку обезбедиме повеќе количини јаглен во декември или јануари, ќе биде вклучен како трет блок“, рече Коњановски.
Комбинатот ќе продолжи да работи со досегашните економски оператори на кои договорите им се во тек, но рекоа дека ќе бараат домаќинско работење од секого. Со цел да се излезе од кризата со јаглен, новото раководство прави реорганизација во однос на капацитетите во рудниците, па во најкус можен рок да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА