Во понеделник наутро, на граничниот премин – Аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид, приведена била 19-годишна девојка од тетовското село Жилче откако при рутинска контрола на скенер во нејзината торба биле пронајдени девет куршуми со калибар 7,65 милиметри.
Тинејџерката, која требало да патува за Виена, била запрена на излез од државата во 07:20 часот и веднаш била лишена од слобода, соопшти полицијата. Обвинителството треба да одлучи дали ќе и биде одреден притвор
„На 02.12.2024 во 07.20 часот на Граничниот премин – Аеродром „Св.Апостол Павле“ во Охрид, на излез од државата, полициски службеници ја лишија од слобода М.М.(19) од тетовското село Жилче. При преглед во нејзината торба на рентген апарат биле пронајдени девет куршуми за пиштол калибар 7,65 милиметри. Увид на местото извршија полициски екипи и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од СВР Охрид.
Неофицијално, од извори на аеродромот, дознаваме дека девојката била прилично изненадена кога од торбата биле извадени куршумите. Велат дека не е исклучена можноста таа да не знаела воопшто дека има куршуми во нејзиното рачно куферче. Според психолошката реакција најчесто тој што знае што носи е видливо вознемирен, велат нашите извори.
Во тек е истрага за потеклото на куршумите и како тие се нашле во куферчето на 19 годишната девојка.
С. ВРЕНЦОВСКА