Полицијата синоќа изврши претрес во домот на директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска во Демир Хисар, а од видеото што на интернет го објави нејзиниот адвокат Жаре Стевановски се гледа дека имало намера таа иако е на боледување, на носилки да се однесе на информативен разговор во полиција.
На видеоснимката се слуша како лицето кое адвокатот го именува како началник вели: „Ќе ја лишам од слобода, неа ѝ е забрането да се движи , но не е во животозагрозувачка состојба, таа нема да се движи, ќе биде изнесена на носилка и донесена в полиција да се обави информативен разговор“.
Адвокатот реагирајќи дека полицијата има налог за претрес, но не и за нејзино лишување од слобода, бара од синот на директорката да ја заклучи вратата.
„Инсистираше началникот на полицијата во Демир Хисар таа да биде спроведена во полициската станица, на што реагирав. Беше повикана и Итна медицинска помош која констатира дека не се препорачува движење и дека има покачен крвен притисок, а началникот и покрај тоа инсистираше. Суштината е пред распишување на изборите да се спроведе решението за разрешување од страна на градоначалникот на Демир Хисар и да се назначи новата директорка, која требаше да ги дореализира трите нови вработувања. Сметаме дека ова е само политички атак за пред распишување на изборите да се обезбедат три работни места во училиштето“, изјави Стевановски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Од Обвинителството соопштија дека поради сомненија за кривично дело – Фалсификување и уништување деловни книги, ОВР Демир Хисар од ОЈО Битола побара издавање наредба за претреси на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на директорката. Судот го прифати барањето за претрес, по што тоа било спроведено вчера.
„За претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. ОЈО Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, соопштија од Обвинителството.
Вчера Весна Баковска од Комисијата за образование при СДСМ Битола на прес-конференција обвини дека во пресрет на датумот за распишување на локалните избори, градоначалникот на Демир Хисар иако му биле одземени ингеренциите, сепак се обидел незаконски, заобиколувајќи го Училишниот одбор да ја разреши директорката на училиштето.
Градоначалникот Никола Најдовски во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека ситуацијата е само драма, нема политичка позадина, нити вработувања.
„Постапено е по решение од Државен просветен инспекторат кое констатира големи прекршоци во работата на директорот ме задолжи итно и неодложно да ја разрешам директорката. А исто така го задолжува и Советот за итно и недоложно да го разреши и училишниот одбор бидејќи и тој сноси одговорност.
Постапено е по двете решенија во вторникот. Сè друго е драма, новата в.д директорка само констатирала дека ги нема печатите на училиштето што е недозволиво и кривично дело, училиштето не е на никој и потребни се печатите за да функционира непречено“, рече Најдовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА